Грдото пајче

од Ханс Кристијан Андерсен


Беше лето. Полињата со пченка имаа златеста боја, овесните класје беа зелени, а сеното беше сложено во големи стогови во зелените ливади. На еднa сончевa височинка се наоѓаше стара фарма, опкружена со длабоки канали.

Близу до каналите, една пајка седеше во своето гнездо и чекаше нејзините малечки да се испилат од јајцата. Чекаше трпеливо, сè додека еден ден пајчињата не почнаа да излегуваат од јајцата. 

„Пиииу, пиииу“, велеа пајчињата.

„Ква, ква“, им одговараше мајка им. 

Сите пајчиња што се испилија беа убави, само едно, кое излезе последно, беше многу големо и грдо.

„Зошто е ова пајче олку големо?“ се прашуваше мајката пајка. „Но, тоа е мое дете и не е толку многу грдо, ако убаво го погледнеш“, си рече и реши дека нема да размислува веќе за тоа. 

Но, кога ги однесе пајчињата на фармата, сакајќи да ги претстави на пајките, кокошките, мисирките и другите жители на фармата, тие почнаа да го задеваат нејзиното грдо пајче.

„Леле, колку грдо пајче! Не го сакаме овде со нас“, велеа другите пајки. 

„Тоа можеби не е убаво, но има добро срце и плива исто добро како и другите пајчиња, дури и подобро“, го бранеше мајката пајка.

Но, кутрото грдо пајче го касаа, го турка и му се потсмеваа, не само пајките туку и кокошките и мисирките.

Пајчето не можеше веќе да издржи и реши да избега. Ја прелета живата ограда и ги преплаши малите птици што се гнездеа во неа, па тие се разлетаа на сите страни.

„Се плашат од мене затоа што сум толку грд“, помисли пајчето.

Пајчето долета до едно големо мочуриште и се скри меѓу трските. Долетаа две диви гувчиња кои посакаа да се спријателат со него и покрај тоа што беше грдо, но, попусто! Во мочуриштето дојдоа ловци со нивните ловџиски кучиња. 

Едно од кучињата му се приближи на пајчето и штракна со неговата голема вилица, но потоа си замина, без да го допре. 

„Ох“, здивна пајчето, „треба да сум среќен што сум грд, па ни кучето не сака да ме касне.“

Кога падна вечер, пајчето избега подалеку од мочуриштето и стигна до една колиба. Во колибата живееше една баба, која имаше мачор и кокошка.

Мачорот умееше да го витка грбот, да преде и да фрла искри од крзното ако некој го гали од обратната страна. Кокошката, пак, несеше убави јајца. 

„Што знаеш да правиш? Умееш ли да несеш јајца?“ го праша кокошката пајчето. 

„Не умеам“, одговори тоа.

„А знаеш ли да го кренеш грбот или да предеш или да фрлаш искри?“ праша мачорот.

„Не знам.“

„Тогаш бабата сигурно ќе те избрка“, му рекоа тие. 

Пајчето се натажи и реши да си замине и оттаму. Тоа ја напушти колибата и наскоро најде вода во која можеше да плива и да нурка, но другите животни го одбегнуваа затоа што беше грдо.

Дојде зима и стана мошне студено. Пајчето мораше постојано да плива по водата, за таа да не замрзне. Но, на крајот замрзна толку силно што пајчето остана заглавено во мразот. 

Рано следното утро, еден селанец минуваше и го здогледа пајчето. Тој го скрши мразот на парчиња и го однесе пајчето дома кај жена му и децата. Од топлината пајчето полека се врати во живот.

А кога дојде пролетта, пајчето ги почувствува сончевите зраци и ја слушна чучурлигата како пее во грмушките. 

Тоа се раскрили и полета високо во воздухот. Крилјата силно го носеа и набргу се најде во една голема градина. Јаболкниците цутеа, а мирисните јорговани ги спуштаа своите долги зелени гранки до потокот, кој се извиваше по мекиот тревник.

Од густиот честар излегоа три прекрасни бели лебеди. Шушкаа со крилјата и полека пливаа по мирната вода. Пајчето ги виде преубавите птици и тажно си помисли: „Срам ми е да им пријдам на овие прекрасни птици, ваков грд и никаков.“

Но, сепак, тоа одлета до водата, сакајќи да ги запознае прекрасните лебеди. 

Но, кога ја наведна главата и погледна во бистрата вода, што виде таму? Го виде својот сопствен одраз. Тоа веќе не беше едно грдо, темносиво пајче од кое сите го вртеа погледот, туку беше грациозен и прекрасен лебед!

Не е важно што една птица е родена во пајкино гнездо во селски двор, ако е излезена од лебедово јајце.

Во градината дојдоа неколку дечиња и фрлија трошки од леб и колачиња во водата.

„Гледајте“, рече најмалечкото од нив, „еве нов лебед.“

„Новиот е најубав од сите. Толку е млад и убав“, рече најголемото дете.

Пајчето се засрами и ја скри главата под крилото. Не знаеше што да направи, а беше толку среќно – и не беше воопшто гордо. Се сети како го прогонуваа и му се потсмеваа дека е грдо, а сега ги слушаше како велат дека е најубав од сите лебеди. Дури и јоргованот ги спушти своите гранки во водата пред него, а сонцето силно сјаеше и ја загреваше земјата.

Тогаш лебедот ги раскрили крилјата, го изви тенкиот врат и радосно крикна, од длабочините на своето срце:

„Никогаш не сонував за ваква среќа, затоа што бев само едно кутро, грдо пајче“.


Адаптација: Билјана С. Црвенковска

Илустрација: Катерина Николовска

Напишете коментар