Екокритика на една верверичка

кон „Каде е мојот дом?“ од Сезен Аксу Ташјурек, во превод на Васко Марковски (Чудна шума, 2023)

Пишува: Ана Јовковска


„Многу одамна, каде и да се завртиш имало шуми, зеленило. На земјата немало ни големи зградишта, ни огромни купишта отпадоци. Дури уште не биле измислени ни моливот ни хартијата, па луѓето цртале на ѕидовите, украсувајќи ги своите цртежи…“

Тогаш, во прастаро време, човечката интервенција во природата била минимална, онолку колку што на луѓето им било доволно за опстанок, да се прехранат, да домуваат и да се изразат. Како контрапункт на тоа замислете си го денешно Дубаи, Токио, Пекинг… па и наше кутро Скопје. Облакодери, бетон, светлечки реклами, автомобили намножени ко мравки, луѓе забрзани ко „муви без глави“, билборди, пластика, отпад… и згора на сето тоа контејнери за рециклирање. Хм… во колку ироничен свет живееме! Денес, веќе, не можеме да зборуваме за човечка интервенција туку за инвазија. Одамна човекот природата не ја доживува како сојузник туку како ресурс!

Прво, кога ја земав в раце сликовницата Каде е мојот дом? (наслов на оригиналот: Benim evim nerede?) од турската авторка и илустраторка, Сезен Аксу Ташјурек (во превод од турски јазик на Васко Марковски), ми дојде мислата: каков свет оставаме на нашите деца и на следните генерации? Ова не го пишувам од некоја носталгичарска позиција, уште помалку од позиција на патетика, туку како крик за освестување дека крајно време е да намалиме со деструкција врз природата ако сакаме човештвото да има иднина. Детските сликовници не морализираат, не патронизираат, но погодуваат директно во срцето. Така ми делуваше и мене оваа прекрасна илустрирана книга за деца на издавачката куќа Чудна шума, којашто раскажувајќи ја приказната за верверичката и загубата на нејзиниот дом, всушност, ги отвора прашањата за припаѓањето, поседувањето и уништувањето. Домот како грутка е појдовната точка на приказната, која преку метафората за домот, всушност, го расветлува проблемот на животната средина, односно еколошките предизвизи со кои се соочуваме денес. „Верверичката е кревок, а клучен сегмент во разбирањето на природата и нејзината величина, моќ и сеприсутност. Во книгата истовремено се критикува и човечката себичност да ја присвои таа моќ, притоа не земајќи предвид дека таа е истовремено дом на сите нас“ (Ана Голејшка Џикова). Покрај себичноста на човекот како клучна детерминанта, во наративот на Каде е мојот дом? се наѕира и надежта, верувањето дека луѓето, животните и растенијата можат и мораат да живеат заедно на оваа наша убава планета. Дали…?

„Земјата некогаш била најубавата планета во Вселената, со широко, чисто, сино небо над неа, со бескрајно зеленило распослано по нејзината површина. Но, со време сè се сменило“… дотолку што денес воздухот што го дишеме ни е опасна закана. Живееме во токсична средина! Загадувањето е реален проблем и во нашиот град, сообраќајот е во хистерична турбуленција, океаните се полни со пластика, риби и китови умираат, животински видови исчезнуваат, деца се гушат, ама ние зборуваме за напредокот на технологијата, за недофатливоста на вештачката интелигенција, за привидна економска благосостојба, алчни за профит, ненаситни по дразби, спектакли, с(т)имулации и симулакруми… Знам, многу сум песимистички настрвена како за рецензија на книга за деца, но зарем ваквите четива не треба да ни бидат аларм за превоспитување на новите генерации? Kрик дека мораме да ги промениме животните навики, и вистински, а не само декларативно, да разбереме дека оваа планета е дом на многу живи суштества, дека човекот не е единственото битие, иако се става себе си во егоцентрична позиција. Како што вели и прочитот на Соња Исмаил: „За да изгради себеси дом, човекот ги уништува домовите и световите на другите живи суштества. Природата сѐ побргу исчезнува и бива заменета со бетон и пластика. Предизвиците на кои наидува храбрата верверичка во непоколебливата потрага по нејзиниот дом, ќе ги поттикне дечињата да размислуваат за нивниот однос кон природата и живиот свет, а ќе ја разбуди и нивната емпатичност“ (Соња Исмаил).

Имено, Каде е мојот дом? не е приказна само за желадите, дрвјата, огнот и беспомошната верверичка, туку за онтолошкиот страв, за уништувањето, за загубата на домот, но пред сè приказна за разбирањето дека доминацијата на човекот врз природниот свет е само една голема илузија. Наративот на верверичката е наративот на добрината и заедништвото. „Откако ќе ја прочитате и последната страница со поглед  што потсеќа на Ѕвездената ноќ на Ван Гог, сетете се на посветата од почетокот на книгата, во која детинесто, будалесто, искрено и топло оваа сликовница ѝ е посветена на најубавата планета на светот. Во овој свет децата од мали треба да ги учиме за растенијата и животните, за тоа дека желадите се храна на верверичките, а дрвјата нивни дом, но најважно од сè, дека во овој наш голем заеднички дом треба да дејствуваме размислувајќи постојано на иднината, затоа што во него отсекогаш важи правилото: „што си посеал, тоа ќе си ожнееш“ (Наташа Aтанасова). Се разбира, пораките се испратени, сега уште да ги примениме (се смее).

Ајде, другар(к)и, да почнеме секој од себе… Помалку автомобили, повеќе велосипеди! Можеби не можеме целосно да ја живееме филозофијата Нула отпад, но можеме да се потрудиме да произведуваме помалку ѓубре. Наместо да користиме пластични ќеси, да пазариме со платнените торби од нашите баби. Одговорно да се грижиме за ресурсите и биодиверзитетот. Да консумираме органска храна наместо хемиски третирана. Да не ги уништуваме пчелите. Да сме пријатели со животните (еве да почнеме од бездомните кучиња и мачки…). Да ги одржуваме селата и руралниот начин на живот. Да создаваме урбани градини меѓу бетонските блокови во градовите. Да се трудиме да наоѓаме алтернативни начини на живеење. Да се стремиме кон самоодржливост. Од мали нозе да им ја всадиме на децата идејата дека треба да се грижат за животната средина. Да ги научиме дека планетата е нашиот дом, онака како што на пример екокритиката на едно филозофско рамниште нè учи на хумано однесување, на една нова парадигма на егзистенција во хармонија со природата.

Каде е мојот дом? на Сезен Аксу Ташјурек во издание на Чудна шума е прекрасна и топла приказна која ни ги праќа сите овие пораки на толку суптилен начин… Добрата детска литература разоткрива наместо да диктира, поттикнува чувства и размисли наместо да пропагира. Одлично книжевно издание кое ги сензибилизира децата да ја сакаат и почитуваат природата. 


Илустрации: Сезен Аксу Ташјурек

Напишете коментар