Мижитатара

извадок од романот „Куќа без огледала“

од Мортен Санден, превод од шведски: Родна Русковска


„Сто! Барам!!!“

Ехото на мојот глас се одбиваше од ходникот со скалите во куќата на Хенриета, а потоа сосем замре. Кога се врати тишината, слушав како крцка паркетот на катовите над мене. Братучедите бараа место за криење.

Речиси секој ден играме мижитатара, но не се случува често јас да бидам таа што бара. Вилма и Ерланд велат дека не е фер, бидејќи, тука, во куќата на Хенриета, барањето многу подобро ми оди мене отколку ним. И така е, затоа што тато секогаш ми дозволуваше да доаѓам тука со него кога се грижеше за Хенриета. Сепак, не е баш забавно никогаш да немаш право да бараш.

Најпосле, братучедите веќе и самите би требало да умеат да се снаоѓаат наоколу. Вилма и нејзината мајка, сестра му на татко ми, Кајса, пристигнаа пред повеќе од три недели, а Ерланд и Сигне се тука уште од крајот на училишната година. Нивниот татко, чичко Даниел, работи на универзитет, затоа е слободен во текот на летото.

Но, никој не престојувал подолго време во куќата на Хенриета од мене и татко ми. Освен самата Хенриета, нормално.

Попладневната светлина се пробиваше низ витражот на високиот прозорец на скалите и се излеваше како поле од избледени бои врз подот на влезот. Подот е црно-бел, како шаховско поле. Понекогаш ми текнува дека се преправав дека играм шах кога бев мала. Точно се сеќавам на чувството, како и дека имаше уште некој со мене. Можеби Хенриета; во тоа време сè уште беше подвижна.

Долниот кат лесно се пребаруваше. Нема многу места за криење, затоа што во периодот кога Хенриета живеела сама, ги продала или ги раздала мебелот и предметите. Тато вели дека долго се подготвувала за смртта.

Сега, повеќето соби се сосем испразнети; има само остатоци крај ѕидовите или по некој плакар што бил преголем за поместување. Кога се игра мижитатара, празнотијата е добра за тој што бара, но лоша за тој што се крие.

Се прикрадов низ трпезаријата, салоните и собата во аголот, која ја викавме „Канцеларијата“, и продолжив накај зимската градина, голема застаклена просторија во задниот дел.

Таму немаше никој. Немаше никој ни во кујната ни во шпајзот; дури ни Сигне, мојата најмала братучетка, не беше таму. Сигне малку се плаши од темнината, па затоа обично се крие близу кујната.

Застанав на големите скали што водат до вториот кат, каде што се наоѓаат салоните, и наслушнував. Веќе не се слушаше крцкањето, веројатно сите си го нашле местото за криење. Можеа да бидат каде било.

Тато често вели дека ни самиот не знае колку соби има во куќата на Хенриета, но мислам дека само вели така. Знае, како што знам и јас, дека има деветнаесет. Дваесет со зимската градина. Десет од собите се спални соби, ако се сметаат и тие двете мали зад кујната, што биле соби за готвачката и за помошничката кога Хенриета и мојот прадедо биле деца, пред речиси сто години.

Уште немав почнато да барам низ дневните соби, кога забележав дека има некој на скалите што водат до третиот кат. Прво помислив дека Ерланд стои во сенката на одмориштето, со рацете спуштени крај телото. За среќа, не беше тој, туку Сигне, помалата сестра на Ерланд.

„Што е, Сигне?“ прашав. „Не можеш да најдеш место за криење?“

Сигне одмавна со главата. Изгледаше исплашено. Ерланд и чичко Даниел се однесуваат со Сигне како да е глупава, само затоа што никогаш не вели ништо. Не е. Само убаво ѝ е да не зборува.

Се качив до одмориштето на коешто стоеше Сигне и ѝ подадов рака.

„Дојди“, реков, „Јас ќе ти покажам.“

Сигне ме фати за рака и заедно се качивме по скалите накај спалната соба. Кога стигнавме во мрачниот ходник, каде што се наоѓаше мојата соба, почувствував како се засили стисокот на Сигне на мојата рака. Ѝ возвратив со стисок.

Можеше да се скрие во мојата соба или во собата во којашто понекогаш спие татко ми, но помислив дека таа на крајот на ходникот би била малку повозбудливо место.

Се работи за осмоаголна соба во која мајка ѝ на Хенриета, Англичанка, ги чувала своите алишта пред повеќе од сто години. Сега е празна, но има доволно плакари за криење.

„Повели, малечка!“ реков и ја воведов во собата. „Избери кој плакар го сакаш, добро?“

Сигне ме гледаше со сериозните сиви очи додека проверував да не има клучеви во полуотворените врати на плакарите. Немаше дури ни во оној на средината што беше заклучен.

„Добро, Сигне? Само скриј се во еден од плакарите, во кој било од нив.“

Има само пет години и мора сè да ѝ се објаснува. Понекогаш навистина не знаеш дали разбрала, но сега ми потврди со главата.

„Одлично“, реков и ја погалив по косата. „Скриј се сега, па ќе дојдам за кратко време и ќе те најдам.“

Не почекав да видам во кој плакар се скри. Тоа би било мамење.

Со чевлите в рака, повторно се прикрадов надолу по скалите до салоните. Знам точно кои скали крцкаат и внимателно ги избегнував.

Големиот предизвик во барањето е да се најде Вилма. Таа смислува места за криење што на друг не би му паднале на памет. Еднаш легна врз жиците на клавирот во долниот салон и го спушти капакот. Ерланд бараше и не ја најде. Кога Вилма кажа каде била, нормално, Ерланд ја кажа на татко си, чичко Даниел, и Вилма си го доби.

Чичко Даниел веројатно смета дека децата воопшто не треба да си играат, а и не смееш да му кажеш само „Даниел“. Мораме да му се обраќаме со „чичко Даниел“, иако е само малку постар од татко ми. Мене не ми пречи. Навистина е како некој здодевен стар чичко.

Првите три салони најблизу до скалите беа празни. Исто така и големата трпезарија и детската соба. Ги поминав мошне брзо, затоа што таму најчесто се крие Ерланд. Него ич не ни сакав да го најдам.

„Псст!“

Не ја ни свртев главата кога го слушнав шиштењето. Никој не умее да каже „псст“ на толку непријатен начин како што тоа го прави Ерланд. Звучи како змија, а под шиштењето се крие мал кикот.

„Пу, Ерланд!“ реков. „Над шифоњерот.“

Веќе се симнуваше кога се свртев. Обично, Ерланд се лути кога некој ќе го победи во нешто, но овој пат изгледаше како да не му е грижа.

„Браво“, рече тој и ме гледаше со онаа блага насмевка што ја мразам. „Колку си паметна!“

Ерланд има само седум години, но воопшто не личи на дете. Оди бавно и зборува како мало чиче. Всушност, ист е како татко му. Тоа можеби и не е ни толку чудно, затоа што Ерланд и Сигне живеат сами со чичко Даниел. Никој не зборува за тоа каде е мајка им, но јас сум мошне сигурна дека не е почината.

Тргнав накај скалите и слушнав како Ерланд се прикрадува зад мене. Ме следеше и кога одев накај третиот кат.

„Ми помагаш да ја најдеме Вилма или што е работата?“ му се обратив преку рамо и се надевав дека ќе каже „не“.

Но, Ерланд не рече ни „не“ ни „да“. Со неколку брзи чекори помина покрај мене и ми го попречи патот на врвот на скалите.

„Види, Тумасина! Повраќаница!“ рече тој и извади нешто од џебот што личеше на лажни заби. „Пази да не те гризнам!“

Чукаше со лажните заби како со кастанети. Забите ми се клештеа, исто како вистинска уста.

„Престани!“ реков. „Од кај ги најде тие…“

Ми се преврти стомакот кога сфатив.

Тоа беа вештачките заби на Хенриета. Ерланд сигурно се прикрал горе и ги зел од чашата на нејзиното ноќно масиче кога татко ми не го гледал.

„Нормален ли си ти? Не смееш да ѝ ги земаш забите!“

Ерланд само се насмеа и се пикна во ходникот, директно во прегратката на татко ми.

„Што е работата?“ праша тато.

Не звучеше луто, дури ни тогаш кога ги виде вештачките заби што Ерланд не успеа да ги скрие. Тато никогаш не звучи луто, само тажно и изморено.

„Ти ли ги зеде, Ерланд?“ рече тој. „Хенриета ги бараше. Не може да јаде нормално.“

Ерланд гледаше во подот.

„Некој друг ги зел“, рече тој. „Јас само ги најдов.“

Начинот на кој Ерланд лажеше ептен ме збеснуваше. Секогаш го има оној растреперен, тажен тон во гласот. Како да треба да го жалиш.

„Престани, Ерланд!“ прошиштев. „Кој е толку злобен и забеган и…“

Тато ја подигна изморено раката и, како и секогаш, веднаш замолкнав.

„Престани, Тумасина“, рече тој. „Може ли да ги ставиш на скалите, Ерланд? Ќе ги земам кога ќе одам нагоре.“

Ерланд не одговори, но се упати накај скалите на мансардата, каде што беше собата на Хенриета.

Ерланд е всушност единствениот, освен тато и јас, што некогаш оди горе кај Хенриета. Тато го прави тоа затоа што мора, а јас затоа што сакам да му помогнам. Но, Ерланд нема вистинска причина зошто би се врткал таму горе на мансардата. Мислам дека се надева оти Хенриета ќе умре додека тој е таму.

Веднаш штом останав сама, седнав на најгорната скала и пуштив косата да ми падне врз лицето. Се почувствував сосем празно внатре, но знаев дека нема да плачам. Не овој пат.

Понекогаш, речиси секој ден, има моменти кога не знам како ќе го преживеам летото или дури ни следниот час. Не припаѓам во оваа тивка куќа. Оние што тврдат дека ми се роднини ги чувствувам како туѓинци.

Како да не го ни препознавам татко ми.

„Еј, Тумасина? Бара ли некој или што е работава?“

Вилма стоеше на одмориштето меѓу првиот и вториот кат и, како и секогаш кога ќе ја видев, се смирив. Да не беше Вилма, не знам дали ќе можев да останам тука.

Станав и ја тргнав косата од очите.

„Не, прекинуваме“, реков и почнав да се симнувам накај неа. „Не ми се игра веќе.“

„Добро“, рече Вилма. „И така мама ги донесе пиците.“

Кога стигнав до неа, ја префрли раката врз моите рамена.

Вилма сè уште е малку повисока од мене, иако полека ја стигам, и пријатно ми беше што раката ѝ беше на моите рамена; нежна и топла, речиси како раката на мајка ми.

„Ерланд е целосно нездрав во главата“, реков. „Замисли, ги зел вештачките заби на Хенриета. Си играше со нив!“

Вилма подзастана и ме погледна.

„Хенриета има вештачки заби?“ прошепоти таа. „Стварно?“

Отпрвин не знаев дали се шегува, но потоа сфатив дека не се шегува. Често имав чувство како Вилма да е најмлада од сите. „Вилма, таа има повеќе од сто години!“ реков. „Нормално дека има вештачки заби.“


Од книгата „Куќа без огледала“

Илустрации: Иштван Лакатош

Напишете коментар