Женски ликови во книжевноста за деца и млади

Пишува: Грација Атанасовска


Не сите хероини носат наметки. Овие ликови се примери за секојдневните и несекојдневните женски хероини кои се секогаш верни на себеси и кои успеваат да ги пребродат и најтешките предизвици, без разлика на сè.

Додека растат, децата и младите постојано се среќаваат со слики кои им кажуваат што и какви треба да бидат.

И покрај тоа што, според едно британско истражување, девојчињата повеќе читаат од момчињата (58% од девојчињата, наспроти 43% од момчињата читаат од задоволство), сепак во светски рамки, во детската и литературата за млади, сè уште доминираат ликови и приказни за момчиња. Според друга, овој пат австралиска студија од 2017 година, почесто се случува една книга да нема главен лик отколку да има женски главен лик.

Кога нема соодветна репрезентација, или ја има многу малку, девојчињата добиваат многу ограничена слика за тоа какви сè можат да бидат во реалноста, и какви сè таленти и интереси можат да негуваат. Оттаму, многу е важно да се истакнуваат женските ликови, да се покаже дека и женските перспективи и мислења се важни, дека гласот на младите девојки е слушнат и дека во светот има место и за нивните приказни.

Седум хероини во книжевноста за деца и млади

Со таа цел, одбравме седум хероини и шест книги кои содржат различен тип на женски ликови кои се храбри, чувствителни, ителигентни, креативни, кои ја користат фантазијата како оружје против суровоста и нејаснотијата на светот. Овие ликови успеваат да се снајдат дури и во најмрачните и најзбунувачките околности и си го наоѓаат своето место под сонцето. Она што е карактеристично за секоја хероина е што го прави тоа на свој посебен начин. Со тоа сакавме да ја отсликаме и разноликоста на детските умови и карактери кои би се пронашле во овие ликови и дела.

1. Ајсулу во Застани на небото на Ерин Боу

Зошто ја сакаме: поради нејзината храброст, посветеност, нежност и непоколебливост

Која е Ајсулу: Ајсулу е дел од заедницата на казашки номади кои се познати по тренирањето орли, нешто што и самата Ајсулу гори од желба да го прави. Но, казашката заедница е прилично традиционална и во неа мажите и жените имаат строго пропишани родови улоги. Оттаму, не е можно Ајсулу да биде тренер на орли – тоа смее да го прави само нејзиниот брат.

Но, поради сплет на околности во кои нејзиниот брат се разболува, и поради нејзината упорност и непоколебливост, Ајсулу е решена да го тренира орлето кој самата таа го спасува од смрт. Нивната врска добива нова димензија кога таа се пријавува на државен натпревар за тренирање на орли со цел да собере пари за лекувањето на брат ѝ.

Овој роман за деца е прекрасен пример за предизвикувањето и кршењето на родовите стереотипи, за тоа како девојчињата можат да прават сè што прават и момчињата. Тука можете да најдете и прекрасен пример за братско-сестринска љубов, за храброста и силата на девојчињата, и како тие можат да им помагаат на своите семејства и заедници во тешки ситуации.

Возраст: 11+

2. Матилда од Матилда на Роалд Дал

Зошто ја сакаме: поради нејзината чувствителност, трпение, остроумност, и истрајност

Која е Матилда: Матилда е девојче кое е црна овца во нејзиното семејство – кога таа сака да чита, нејзините родители и брат гледаат телевизија на цел глас и не ги почитуваат нејзините желби. Матилда е дете кое обожава да учи, да дознава, да се дружи, и е пресреќна кога ќе тргне на училиште. И покрај тоа што е брилијантна и има натприродни способности да ги поместува предметите со нејзиниот ум (телекинеза), родителите ја прогласуваат за „прокоцкан простор“, а директорката на училиштето ја мрази.

Но, Матилда е храбро дете кое има трпение и сила да се бори и да им се спротивставува на силеџиите околу неа преку својата интелигенција и натприродните телекинетички способности. И покрај тоа што нејзиното семејство ја отфрла, таа наоѓа љубов и разбирање во врските што ги остварува со своите соученици, а особено со својата прекрасна учителка госпоѓица Хани, која на крајот и ја посвојува.

Возраст: 7+

3. Близначките Илина и Мартина од Земјата на заборавените сказни на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Оливер Коларевски

Зошто ги сакаме: поради нивната храброст, бујна фантазија, игривост и креативност

Кои се Илина и Мартина: Илина и Мартина се две сестри близначки кои заедно со својот помал брат Мирон го поминуваат летниот распуст на село кај нивната баба Јагода. Баба им, сакајќи да ги оттргне од телефоните и екраните, им раскажува приказни за самовили и таинствени суштества, и ги запознава со една збирка раскази наречена Земјата на заборавените сказни. Оваа збирка, преку ликот на Баба Јага, ќе ги пренесе децата во еден магичен свет на снегулки кои танцуваат, во царствата на цвеќињата и самовилите, ќе ги запознае со змејови, мечки, волци кои зборуваат и ќе ги натера преку својата фантазија и креативност да го бараат срцето на шумата.

Илина и Мартина се современи ликови во кои можат да се препознаат многу девојчиња во денешно време. Тие се девојчиња кои немале прилика многу време да поминуваат на село, по ливади и шуми, а кои се сепак многу отворени и љубопитни за тој свет, свет многу поразличен од затворените простори на градот.

Возраст: 8+

4. Коралина од Коралина, на Нил Гејмен

Зошто ја сакаме: поради нејзината независност, бестрашност, снаодливост и интелигенција

Која е Коралина: Коралина е девојче кое се сели во нова куќа со нејзините родители, честопати презафатени да ѝ обрнат повеќе внимание. Таа е дете ситно за нејзината возраст, кое сака да скита и го мрази дождот кога ја спречува да излезе надвор. Таа е многу бистра, досетлива, љубопитна, но затоа брзо ѝ здосадува сѐ, и токму оваа постојана жед по нешто ново ја носи до една загадочна врата која води до паралелен свет кој многу наликува на нејзиниот. Но, тој свет е далеку помрачен од вистинскиот свет; тој содржи двојници на нејзините родители кои всушност ги имаат киднапирано вистинските родители на Коралина. За да ги врати назад, Коралина мора да наоѓа различни начини и да ја надмудри нејзината лажна мајка.

Коралина е книга која спаѓа во жанрот хорор-фантазија, и е одлична илустрација за начините на кои децата се соочуваат и справуваат со своите стравови. Гејман е автор кој прекрасно ја пренесува детската способност на прифаќање на надреалното. Преку еден посебен женски лик, тој покажува колку децата се прилагодливи и колку вешто и храбро се справуваат со тешките и страшни ситуации во нивниот свет, но и начините на кои излегуваат посилни на крајот.

Возраст: 9+

5. Фљутура (нагалено Ута) од Ута од планините на Тефта Кељменди со илустрации на Катерина Николовска

Зошто ја сакаме: поради нејзината упорност, истрајност, љубов кон природата

Која е Ута: Ута е девојче кое сонува да ги искачи највисоките врвови во светот. Нејзиното вистинско име е Фљутура, што на албански значи „пеперуга“, но таа го задржува надимакот Ута, којшто ѝ го дава нејзиниот сакан дедо.

Во Ута од планините се открива приказната на Ута Ибрахими, првата Албанка која го има искачено Монт Еверест и други четири врвови на Хималаите кои се над 8000 метри височина. Низ прекрасните илустрации на Катерина Николовска и нежниот стил на пишување на Тефта Кељменди (верно пренесен од преведувачката Алида Муча) имаме прилика да ја следиме приказната на Ута од детството па сѐ до качувањето на Монт Еверест. Не само што тука ќе најдете пример за едно снажно девојче кое потоа израснува во иста таква жена, но ќе најдете и многу други важни теми за нашиот современ свет, како подигнување на свеста за заштитата на животната средина, правата на жените, и упорноста која секогаш се исплати – особено кога сте решени да го искачите највисокиот врв на светот!

Возраст: 4+

6. Хермиона Грејнџер од Хари Потер на Џ. К. Роулинг

Зошто ја сакаме: поради желбата за знаење, љубопитноста, храброста, и посветеноста кон пријателите

Која е Хермиона: Хермиона Грејнџер е еден од трите главни ликови (заедно со Хари Потер и Рон Визли) во познатиот серијал романи за млади волшебници Хари Потер. Таа се појавува во сите седум книги од серијалот и е позната по својата интелигенција, жед за знаење, љубопитност, упорност, но и љубов кон пријателите.

Но, како и сите ликови кои се добро изградени, таа не е совршена. Таа исто така многу често се сомнева во себе и има голем страв од неуспех, што резултира со голема посветеност на часовите и на учењето. Сепак, тој дополнителен труд ја прави Хермиона со текот на времето да се чувствува сѐ посамоуверено. Низ сите седум серијали таа ја користи својата остроумност и своето огромно знаење на различни теми за да ги спаси нејзините најдобри пријатели Хари и Рон, кои запаѓаат во разноразни опасни и заплеткани ситуации.

Возраст: 9+

***

Присутноста на женски ликови во книжевноста за деца и млади им покажува позитивни и разнолики примери на девојчињата што читаат, им покажува дека родовите стереотипи можат да се надминат и преобразат. Девојчињата исто така можат да прават „машки“работи – да се качуваат по планини, да тренираат орли, да се борат со чудовишта и да ги спасуваат своите најблиски.


Напишете коментар