Домот е еден за сите – нашата планета

кон „Каде е мојот дом?“ од Сезен Аксу Ташјурек, во превод на Васко Марковски

Пишува: Ана Голејшка Џикова


Да сум верверичка, би сакала да живеам во оваа книга. Така, ќе имам дом засекогаш.

Прекрасна, едноставно раскажана приказна за една горлива тема во која секој од нас ќе се пронајде. Домот како симбол, нам ни е најчесто поврзан со изградена куќа, стан, простор во кој сме безбедни. Но, што кога домот на една верверичка, која природно живее во корите на шумските дрвја, е уништен?

Каде да бара таа дом? Прашајте ги вашите деца.

Верверичката е кревок, а клучен сегмент во разбирањето на природата и  нејзината величина, моќ и сеприсутност. Но, затоа пак, во  книгата истовремено се критикува и човечката себичност да ја „присвои“ таа моќ, притоа не земајќи предвид дека таа е истовремено дом на сите нас. Како може да користиме нешто кое природата својски го створила, а не можеме да ја исконтролираме неговата моќ?

Бегството на верверичката од непријатностите што ѝ ги приредува човештвото, ја носи низ шумските и водните пространства каде гледа дека секаде нештата се оштетени, загадени, тажни. Тоа е сигурен знак дека ние луѓето, правиме нешто погрешно. Фрламе отпадоци во водата, ги сечеме дрвјата во шумите неконтролирано, го загадуваме воздухот… Го оштетуваме сопствениот дом, домот кој е еден за сите – нашата планета, Земјата.

Препорачувам да се чита пред спиење, има терапевтски тон. Заслуга на преведувачот,  Васко Марковски.

Крајот нема да ви го откријам, но може да ве замисли, позитивно. Ако сме си поддршка едни на други во природата, никогаш нема да треба да го бараме домот, тој ќе биде околу нас, чист, сјаен и траен. Она што читателите на оваа книга, но и верверичките, го заслужуваат.


Илустрации: Сезен Аксу Ташјурек

Напишете коментар