Книга за скршеното огледало во нас

кон „Куќа без огледала“ од Мортен Санден, илустрации Иштван Лакатош, во превод на Родна Русковска

Пишува: Ана Голејшка Џикова

Кога се гледате во огледало секојдневно, веројатно не забележувате дека секој ден сте различни. Возрасни, си мислат знаат сѐ, па нема зошто да проверуваат дека се менуваат, иако незабележително!

Токму на возрасните и на малку поголемки деца топло би им ја препорачала оваа книга. „Куќа без огледала“ од шведскиот автор Мортен Санден е прошетка низ нашата свест, потсвест, средба со самите себеси и нашите трауми, во неколку влегувања и излегувања во една чудесна осмоаголна соба. Илустрациите се сугестивни и во стрип фазон, дело на Иштван Лакатош.

Куќата на старата тетка Хенриета е сѐ, само обична не е. Таму се собрани семејни релации кои никако не успеваат да ги надминат личните болки, па затоа сите што живеат под тој покрив, имаат некаква специфична карактерна особина што ги прави кревки, кршливи, речиси како огледало. А огледала во куќата – како и самиот наслов што наговестува, нема никаде. Всушност, можеби има, ако сте доволно храбри како малата тивка Сигне, или доволно темни како Ерланд за да се запознаете со Хети. Книга за широчината на нашите животи и прекројувањето на нашите трауми низ преубав, топло прераскажан семеен пејзаж. Преводот е на Родна Русковска и динамично ги пренесува сликите на животот кој се згрбавил под притисокот на тагата.

Главниот лик, љубопитната и умна Тумасина, е всушност „камерата“ која ги фаќа сите расположенија. Прво, тетка Хенриета која е на смртна постела, потоа таткото на Тумасина, смален од болката поради смртта на малиот Мартин, Ерланд и Сигне, две „недоправени“ лица на темнината и тишината, чичко Даниел кој е вечно анксиозен, Вилма која едвај чека да порасне и да се промени, тетка Кајса, вечно на раб на лудило… Сите овие кршливи ликови прават една фасетна фотографија од албумот на вечноста, во кој се поминати сите години од семејната историја.
Приказната е комична, трилерна, на моменти застрашувачка, но во суштина, ослободувачка. Промените во нас, надминувањето на болката кога (се) губиме се важни човечки состојби за кои треба единствен лек: разбирање, љубов и храброст. Не секогаш по овој редослед. Книга за скршеното огледало во нас, кое носи нови перспективи, книга за загубената и одново пронајдената желба за живот. И на крајот, книга за сите нас, луѓето.

Илустрации: Иштван Лакатош

Напишете коментар