Како настана „Земјата на заборавените сказни“

од Билјана С. Црвенковска


Сѐ почна во мај 2020 година кога Симон Трпчески ми напиша порака дека би сакал да работиме заедно на проект за деца. Претстава за деца, поточно, која би вклучувала класична музика, но и би имала некоја подлабока, поучна порака. Ми напиша дека би сакал да остави такво нешто како подарок за своите деца, но и за сите деца.

Ми напиша дека првичната идеја за музиката му е да направи некаква комбинација на двата циклуси на Чајковски – „Детски албум“ и „Годишни времиња“, додека за пиесата – тој би оставил да ја напишам онака како што јас мислам, иако некоја првична замисла што му се врти во главата е приказна за деца кои одат на гости кај баба им на село, во шума, во природа, подалеку од интернет и мобилни телефони.

По повеќе преписки и разговори, заеднички заклучивме дека би сакале да имаме приказна која ќе биде волшебна – бајка како од времето кога ние бевме деца. Но, оваа бајка ќе пренесува и некои важни пораки и ќе тежнее да ги промовира вистинските вредности – читањето и интересот за откривање нови нешта, почитта кон постарите, грижата за природата и живиот свет.

И така почна сѐ. Почнав да го градам костурот на приказната слушајќи ја музиката на Чајковски, едно лето во мојата куќа во Коњско, во близината на Охрид, место каде што се напишани многу од моите книги за деца и за возрасни.

Уште на самиот почеток одлучив дека приказната ќе се случува во Бабино, од повеќе причини. Првенствено, убавината на демирхисарскиот крај, неговата речиси недопрена природа, место во кое сѐ уште живеат приказните за самовилите, ваперите и другите натприродни суштества и сѐ уште се раскажуваат околу огништата во доцните саати. Потоа, во овој крај се родени многу наши посети, писатели и уметници, а во непосредна близина на Бабино, во селото Слоештица, е роден Петре М. Андреевски, еден од нашите најголеми писатели. Идејата ми беше на тој начин да се направи и мал омаж кон неговото дело. А трето и последно, како што можеби веќе знаете, во Бабино се наоѓа и најмалата библиотека на светот. Ако сѐ уште не сте ја посетиле, направете го тоа во првата пригода.

Следно, сакав приказната да потсетува на некои од моите омилени приказни од детството, каде што главните протагонисти (во нашиов случај Илина, Мартина и Мирон) ќе бидат „пренесени“ во некој друг, магичен свет на необичен начин. Сакав да потсетува на „Волшебникот од Оз“, „Алиса во Земјата на чудата“, „Хрониките на Нарнија“ и така натаму. Потоа се сетив на една сликовница што ја напишав поодамна – „Книгата што никогаш не беше иста“ – во која децата влегуваат – во книга. Па си помислив, за да не се повторувам, што ако тие влезат во Земјата на сказните? Оттаму, секако, произлезе и насловот, а решив да вметнам некои од споредните ликови од „Книгата што никогаш не беше иста“ и во оваа приказна (самовилата Мирнанеседи, змејот Русе), и со тоа сите тие станаа дел од еден ист бајковит универзум.

Што друго? Од „Детскиот албум“ на Чајковски дојде и првичната идеја за Баба Јага. Знаев дека „негативецот“ или „лошата вештерка“ во оваа наша приказна ќе биде Баба Јага, но потоа си реков – а што ако се вратиме кон првичната функција на овој многу интересен лик од словенскиот фолклор – кога таа не е вештерка, туку е нешто сосема друго – симбол на женскиот принцип, на циклусот на животот, на раѓањето, смртта и повторното раѓање на природата и нејзина заштитничка. Па така ја превртев и направив да биде „другото лице“ на баба Јагода.

Од „Годишните времиња“ произлезе „поделбата“ на Земјата на заборавените сказни на четири дела – Царство на зимата, Царство на пролетта, Царство на летото и Царство на есента (или, пак, Кралството на печурките), во кое, за чудо, се најде и Супер Марко – директно од една позната видеоигра. Волкот Василије, Мира Црната Мечка и бувот Сезнаел се појавуваат и во мојот прв роман за деца „Што сонуваше Дедо Мраз“ – се разбира, и тие се дел од Сказноверзумот што го креирав низ годините.

Се надевам дека оваа приказна ќе (до)живее и други форми и ќе се развива независно од оваа книга. Првично напишана како пиеса, во нејзината преработка за печатење, таа се разви во еден хибрид – ремарките се претворија во нарација, а илустрациите имаат и моменти на графички роман. Иако сѐ уште, во основата, таа е пиеса, верував дека со оваа мала нарација меѓу дијалозите би ви била поинтересна вам, драги читатели.

Приказнава ја пишував во Скопје (пред сѐ во шумите на Водно), во Коњско на брегот на Охридското Езеро, во Ново Место во Словенија, каде што бев дел од писателската резиденција Reading Balkans поддржана од мрежата Традуки, и дел од таа прекрасна природа (шумите Портовал и Рагова Шума, како и реката Крка) беше и огромна инспирација за создавањето на Шашавата шума.

Огромна благодарност до Симон Трпчески за првичната идеја и поттик, до неговата ќерка Лара која е Илина и Мартина во едно, до Оливер Коларевски за илустрациите и до моите родители, баби и дедовци кои уште од најрана возраст ме однесоа во Земјата на заборавените сказни и – среќа моја – никогаш и не заминав оттаму. Како инаку ќе ја напишев оваа приказна?


Од книгата „Земјата на заборавените сказни“.

Илустрација: Оливер Коларевски

Напишете коментар