Забранетата соба

од Александра Симова Клинчарова


Никогаш не зборувавме за тоа лето. Брат ми секогаш зборуваше за други лета, се навраќаше на други сеќавања и други авантури, но никогаш за тоа тогаш. Кога се собиравме со роднините, тој весело раскажуваше за оној пат кога го удрив со костен по глава, или кога паднавме во кал, или кога крадевме смокви, па ги криевме во блуза, се испозалепивме и се осипавме. Еднаш дури, од што сакавме да ги гледаме возовите одблиску, паднавме и во високи коприви, па мајка ми ги потроши сите кремови на нас. Бевме мирни деца, но знаевме да западнеме во неволја, и секогаш на празник, кога ни доаѓаа гости, нѐ тераа да ги прераскажуваме бељите. Но, за ова не дозна никој.

Еднаш, бевме кај тетките за некој празник, и откако по којзнае кој пат раскажувавме и се смеевме како сум добила исип и сум врескала од копривите, се уморив и реков дека ќе си одам дома, дека треба да станам рано. Брат ми, мајка ми и татко ми рекоа дека ќе останат уште. Тетките живееја блиску до мене и тргнав пеш. Иако беше доцна, надвор беше некако чудно светло. Далеку зад последните куќи од улицата и градот, помеѓу облаците, се наѕираше големата крвава месечина.

Колку е голема месечината, си помислив. Последен пат кога видов ваква месечина беше… беше токму тоа лето, летото за кое не зборувавме, летото кое со години се обидував да го заборавам.

Бев шесто за седмо одделение, а брат ми заврши основно и требаше да почне во гимназија. Веќе неколку години нѐ сметаа за големи и пораснати, но бидејќи ни беше здодевно дома, летните распусти ги поминувавме кај баба ми и дедо ми. Тие живееја во друг град, всушност, едно мало гратче каде што сите се познаваа и каде што по цели денови бевме надвор на улица.

Куќата на баба ми и дедо ми беше стара и голема, на три ката, и беше изградена од дедото на дедо ми, некаде кон крајот на 19 век. Имаше високи плафони, украсени со вистински интарзии, а некои од ѕидовите беа испукани од некој дамнешен земјотрес. Внатре мирисаше на дуњи и чај од липа, а надвор, во дворот, имаше редици миризливи портокалови дојранчиња и бели хортензии. Секое лето во дворот се појавуваше понекоја нова мачка, која јас упорно се обидував да ја бањам на чешма, но ниедна од нив не ми дозволуваше и секое лето имав гребеници по рацете.

На приземјето од куќата имаше една голема дневна – кујна, во која се готвеше, се јадеше, се пиеше кафе, се читаше весник, се гледаше телевизија, се чекаа гости и се правеа колачиња со мармалад, а на горните два ката имаше уште неколку помали соби за спиење. Ходниците беа долги, а скалите тесни и стрмни. Едните водеа кон таванот, другите кон подрумот. Ние, децата, можевме да одиме каде сакаме, освен во една од спалните соби на најгорниот кат, која беше постојано под клуч. Никогаш не ни кажаа зошто, но отсекогаш се знаеше дека таму, во таа соба, не се влегува.

Тој ден беше ист како и претходните, спарен, тежок и мрзлив. Баба ми и дедо ми рекоа дека ќе одат да купуваат нешто и ќе се вратат за два или три часа. Ни рекоа да не заборавиме да ручаме од компир манџата што веќе беше готова и да внимаваме да не ја оставиме вратата отклучена ако одиме надвор.

Брат ми и јас гледавме телевизија, игравме карти, игравме „Монопол“, го изедовме ручекот, па дури ги излиставме сите весници и списанија. Почна да се стемнува. Ни текна да играме криенка. Куќата беше доволно пространа и можевме убаво да се скриеме и вистински да бараме.

Прва мижев јас. Застанав во еден агол од дневната, свртена кон ѕидот, и почнав да бројам. 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 20, 30, 40, 50, 60, 70, 80, 90, сто!!! Се свртив и возбудено почнав да гледам лево-десно, да барам под маса, кај каучите и зад тешките завеси. Аха добро, не беше никаде во дневна, ништо од таа финта. Продолжив да барам. Се обидов да наслушнам чекори, дишење или некаков друг звук за да претпоставам каде би можел да биде, но сѐ што се слушаше беа моите чекори по стариот крцкав под, на местата каде што завршуваа ресите на тепихот. Помислив дека се скрил во подрум, зашто знаеше дека се плашам од темница. Ја грабнав батериската ламба и отидов по скалите надолу. Гледав меѓу малите тегли со слатко од сливи со ореви и големите тегли со туршија, ама не го видов. Не беше во подрумот. Се вратив нагоре, фрлив поглед во дневната, за секој случај, да не се преместил во меѓувреме, и продолжив нагоре по скалите. На првиот кат имаше четири соби. Ги поминав внимателно сите, една по една, но не беше во ниту една од нив. Остана уште вториот, најгорниот кат.

Полека ги качував скалите нагоре. Ретко се качувавме горе, таму беа девојчинските соби на тетките и немавме што да бараме таму. Воздухот беше тежок и леплив. Ја отворив првата врата десно и влегов во собата на тетка ми Нада. Внатре мирисаше на мускатни рози. Имаше кревет со дебела прекривка под кој немаше шанси да се пикне брат ми, тоалетна маса полна со шминки и парфеми, која исто така не беше добро место за криење, и плакар со стаклени врати, целосно провиден. Не беше тука.

Излегов и продолжив во втората врата десно. Спалната соба на тетка ми Кира беше цела прекриена со чаршафи на кои се сушеа јуфките што претходниот ден ги правеше баба ми, мирисаше на брашно и изгледаше како да е целата со пајажини. На ѕидот имаше голема врамена фотографија од тетка ми и нејзиниот маж што починал многу млад, Славе шнајдерот, на времето многу познат низ градот. Гледав и гледав, но немаше каде да се скрие тука.

Собата на тетка ми Ружа беше, всушност, и мала помошна кујна за вториот кат; покрај креветот и плакарот имаше и шпорет на дрва, мијалник и мал фрижидер, и тука тетките знаеја да си варат кафе, да печат араванија за вечера и да греат млеко во лонче. Внимателно свртив еден круг околу масата и столчињата, отворив по вратичките, но само се наголтав прашина. Очигледно никој тука не влегол подолго време. Остана уште последната, забранетата соба.

Не е можно, не. Зарем е навистина толку луд брат ми, си реков. Кога се свртив и погледнав натаму, видов дека вратата е подотворена. Таа соба беше секогаш под клуч. Како можел да биде толку невнимателен, па да не затвори зад себе. Погледнав кон скалите надолу, како да сакав да слушнам дали се слуша автомобилот на баба ми и дедо ми, да не се враќаат назад, но немаше ништо. Зачекорив кон собата, ја подотворив уште малку вратата и ѕирнав внатре. Во собата немаше ништо, освен еден стар двокрилен плакар. Влегов внатре и погледнав околу себе, да се осигурам дека нема ништо друго. Тогаш видов дека едната вратичка од плакарот е подотворена и ми се причини дека се занишува. Си помислив дали можеби треба да се вратам долу и да признам пораз, но така секогаш ми правеше брат ми, па потоа ме тераше да му носам вода навечер, да му намачкам леб со путер и слични мали гестови во знак на казна за тоа што ме победил. Но, овој пат немаше да дозволам пак да победи. Скокоткањето во стомакот што веќе не беше возбуда, туку вистински страв, ме обзеде и почна да ми зуи во ушите. Е ќе го најдам, па што сака нека биде!

Полека направив три кратки чекори за да ѝ се доближам на вратичката и ја пружив раката кон внатре, уплашена до уши, но решена да го извлечам брат ми и да го изнесам сосе алишта надвор, како што ги носам мачките од дворот. Но, раката одеше сѐ повнатре и повнатре, како да ми пропаѓаше во темнината и веќе морав да се доближам за да видам што има внатре. Ме обли ладен воздух и почувствував ладен и груб допир на прстите. Нешто како да ме пресече во стомакот. Веднаш ги повлеков прстите наназад, но нешто ми ја фати раката толку силно, што ме повлече внатре. Осетив гребење на нокти по раката и влечење какво што немав почувствувано дотогаш. Со другата рака се обидов да се задржам за плакарот, но влечењето стануваше сѐ посилно, а мракот сѐ потемен. Во тој момент почувствував како ми се креваат и нозете и почнав да викам и да плачам, но моето плачење и викање не се слушаа. Нешто ми ги влечеше и нозете наназад и бев целосно растргната, без да знам каде и од кого. Плачев и викав сѐ погласно и погласно, а влечењето само стануваше посилно. Напред, назад, напред, назад. Во еден миг почувствував како ми се извлекуваат нозете поназад и поназад и видов како рацете полека ми излегуваат од плакарот. Со едно силно влечење на нозете се отпушти силниот стисок на рацете и веќе не ги чувствував студот и гребењето. Викнав, паднав долу на под и ми беше страв да погледнам зад себе.

Слушнав како некој ме довикува и ме подигнува и дури потоа почнав да препознавам. Тоа беше брат ми, кој ме крена на раце и ме изнесе надвор од собата. Со трчање се симна по скалите, на првиот кат, на приземјето и надвор в двор, каде што сѐ уште не ме пушташе. Свежиот воздух надвор како да ми го изми лицето. Брат ми беше блед, испотен и забревтан, не можеше ниту да дише ниту пак да зборува. Се фрливме на тревата меѓу цвеќињата и се гледавме, уплашени и збунети, не знаејќи што да си кажеме и што да направиме. Над куќите се надвиснуваше крвавата месечина, голема и тешка.

Таа вечер им рековме на баба и дедо дека сакаме да си одиме дома, дека ни недостигаат мајка ни и татко ни, и си ги спакувавме куферите. Баба и дедо нѐ однесоа до автобуската станица, почекаа да се сместиме и да тргне автобусот. Во автобусот заспавме. Нѐ пречекаа мама и тато, силно нѐ изгушкаа и нѐ однесоа дома. „Како си поминавте, интересно ли е во мал град“, рече тато. „Да“, реков јас, „интересно, ама и здодевно.“ Брат ми не кажа ништо. Ни тогаш ни подоцна.

Следното лето останавме дома.


Од книгата „Забранетата соба“.

Илустрација: Хари Дудески

Напишете коментар