Гласна порака во тишината

кон „Овде, во близина, живее едно девојче“ од Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл, во превод на Дарко Спасов

Пишува: Ана Голејшка Џикова


Ах, каква книга!

Сместена во приказна низ 12 месеци во кои едно девојче полека полека исчезнува од видикот на читателот, оваа книга е  восхитувачки, прецизен удар во градниот кош. Се чита полека, им се чита полека на децата. Да разберат. Да сфатат зошто е важно да ги гледаме и прифаќаме различните од нас. Да ја детектираат тагата што е носечка емоција. Дека и таа е дел од нашите и туѓите животи.

Оваа книга е важен чекор во разбирањето на она што значи емпатија и срце кое треба да дознае за Другиот. Во читачки рамки, претставувањето на едно девојче, кое овде, во близина живее, а никој не го дружи и реално не го познава, е силен одек на она што секојдневно доживуваме: отуѓеност, не само кај возрасните, туку и кај децата. Содржината на оваа книга е важен аларм за нашите деца, иднината на нивните социјални врски и свесноста која треба да им ја вградиме. Девојчето кое нема ист фустан како тебе и мене, кое нема сопствена соба или носи валкани чевли, не е непознато, и тоа е тука, присутно. И тоа има чувстства, има мисли и тоа е исто како нас. И нему му треба сцена на која ќе истапи и ќе го покаже своето постоење.

Иако во книгата на крајот, девојчето се иселува од маалото и сите се загрижени (предоцна), симболичното исчезнување е гласна порака во тишината: Биди другар со сите, помогни кога можеш и не навредувај го оној кој е поразличен од тебе. Запознај го, затоа што и тој исто како и ти, има соништа што сака да му се остварат.

Крајот на годината, односно декември ги потсетуваа децата кои не го забележува девојчето дека сега неа ја нема. Дека куќата во која живееше, веќе не е таму. Дека нешто пропуштиле.

Со неа заминува и потенцијалното богатство: искреното другарство.

Прочитајте им ја на вашите деца и не плашете се дека ќе ги растажи. Тоа ќе е добар знак.


Илустрации: Петер Шкерл

Напишете коментар