од Владимир Лукаш
Какви животни има во чудната шума? Лисица-напрсток и желка од гума, мравојад-еж и гумена пума, крава-волк со вештачки колк, папагал монах заветен на молк, шимпанзо-банана кое себеси се грицка, глувче-нарцис кое везден се лицка. Какви растенија живеат таму? Џуџеста секвоја со клун како паун, манго кое пее како Џејмс Браун, баобаб-стоногалка со гумени гранки, лијани кои мислат дека се санки, лотосов цвет алергичен на вода, кактус облечен по најнова мода. Сешто има во таа шума чудна, дури и мечка зиме што е будна. Но, тоа што сите чудношумци го знаат, и оние што мјаукаат и оние што лаат, без оглед дали е декември или мај, Чудната шума е нивниот рај.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.