
— Wolf_Kolmården.jpg under CC BY-SA 2.0
Волкот или сивиот волк (Canis lupus) е најголемиот претставник од семејството кучиња, во кое припаѓаат и кучињата, лисиците, чакалите и којотите.
Волците живеат во групи што се нарекуваат глутници. Мошне ретко се сретнуваат осамени волци. Глутниците најчесто се состојат од 7 или 8 волци, кои се, всушност, едно семејство: мајка, татко и нивните потомци, односно нивното легло. Малечките волчиња созреваат доцна и тие живеат со родителите барем две години, пред да си заминат, да се придружат на друга глутница или да направат своја сопствена глутница. Еден пар – волк и волчица, обично добива едно легло со малечки во една година, па така леглото со поголеми волчиња се грижи за нивните помали браќа и сестрички, помагајќи им да најдат храна.
Волците прават сѐ заедно: ловат, ги одгледуваат младенчињата и ја штитат својата територија. Волците комуницираат меѓусебно со различни звуци: завивање, цивкање, ‘ржење, џавкање, квичење, цвилење. Кога една глутница волци завива, нивното завивање се слуша со километри. Завивањето им служи на волците да повикаат друга глутница или да предупредат на опасност. Секоја глутница завива на свој посебен начин.
Тие исто така испуштаат мирис од нивните тела и на тој начин комуницираат. Сетилото за мирис кај волците е 100 пати посилно одошто кај луѓето.
Со уринирање, волците ја обележуваат својата територија и со тоа им кажуваат на другите волци од нивната глутница каде се наоѓаат. Уште еден начин на комуникација е преку „говорот на телото“: ако волкот има самодоверба, тој ќе му пристапи на друг волк со крената глава, начулени уши и високо исправена опашка. Но, ако волкот има наведната глава, ако опашката му е меѓу нозе и ушите му се надолу, спуштени накај главата, тогаш тој му се потчинува на другиот, подоминантен волк. Кога волкот сака да си игра, тој скока весело наоколу и се поклонува, спуштајќи се долу на предните шепи и мавтајќи со опашката. Кога волкот е лут, тој ги покажува забите и ‘ржи. Всушност, реагира на многу сличен начин како и едно куче, што е разбирливо, бидејќи се дел од исто семејство. Малите волчиња многу си играат додека растат (сосема слично на малите кучиња) – тие скокаат, се бркаат, се борат едно со друго, играат криенка, се галат и спијат заедно.