Дијана од планетата Зана (1)

од Билјана С. Црвенковска

– Шампитство! Каде е мојот бумборд? – низ Смарагдната Џунгла ечеше луто гласче. 

По главната алеја на Смарагдил, меѓу огромните дрвја украсени со дрвени куќички, протупотија боси ножиња. Да имаше некој во алејата, ќе можевме и да дознаеме како изгледа сопственичката на гласчето. Но, за жал, алејата беше празна, оти беше 3 часот наутро. Тоа на планетата Зана, која ја осветлуваат две сонца, е – пред зори! 

Па така, Еклерај, на приказната ѝ дојде крааај…

Како? Сакате да знаете како изгледа таа? Сопственичката на гласчето?

По кадаифалите, заборавив дека јас бев таму. Значи, вака: Боси ножиња. Зелена облека од мов. Две итри, палави зелени очиња. Остро носе. Зелена, бушава коса во која има: ливчиња од бршлен (растение што ползи по ѕидови и стебла), неколку момини солзи (мали бели цветови со чашките надолу), капки утринска роса (солзи што ги рони утрото кога сонува тажен сон) и – еден Чу. 

Девојчето се вика… 

Како? Сакате да знаете што е Чу? Баклавение! 

Прво да ви кажам за девојчето: Дијана, од планетата Зана. 

Раса: хербоцелители; Елемент: Земја; Вештина: магија на растење. 

– Шу, доста брбориш! Помогни ми да го најдам бумбордот! – вресна Дијана.

Во ред, во ред, само да им објаснам уште што е бумборд: тоа е темпераментно, своеглаво, подвижно и сплескано дрво со гранки како крилја. Со него – се разбира – се лета. 

– По кадаифалите, ако не ми помогнеш, ќе те плукнам! А знаеш што се случува кога плукам? – се закани палавката, протрча низ алејата и исчезна во џунглата. 

Сакате да знаете што се случува кога плука? Верувале или не, сè околу неа се посипува со утринска роса! Мхм, токму така!

– Панакотикааа, значи тука си се криел? –  му писна Дијана на бумбордот, скриен длабоко во џунглата. – Немој да си помислил уште еднаш да ми бегаш!

Бумбордот молчеше. Тој беше единствениот МОЛЧАЛИВ бумборд во мултиверзумот. Сите други беа БРМЧЛИВИ (правеа брм-брм-брм). Овој само молчеше и во специјални пригоди правеше БУМ, но за тоа – другпат. 
Дијана го погали БУМБИ, скокна на него и заедно полетаа, над џунглата.

Прт (првото сонце) веќе изгреваше. 

Чпрт (второто сонце) – сè уште спиеше. Тоа беше поголемо, побавно и помрзливо. 

Дијана направи неколку пируети во воздухот, а потоа се упати кон Смарагдното Море, каде што… 

– Палачинкекс! Нешто не е како што треба! Аааааааааа…

Дијана нагло слета во џунглата. 

Исплашено се фаќаше по косата, но НЕ, ТОЈ НЕ БЕШЕ ТАМУ!!! 

Чу, нејзиното милениче. Гуштеромаче со меко тигресто крзненце. Јазикот му беше гуштерски, но ушињата, муцето, мустаќите… ептен мачешки! Беше сладок и мил и не знам каде се изгуби, оф…

– Карамеликс! Шу, биди корисна и барај го Чу! Тука е некаде, во џунглата! Чуууууу! Чуууууу! Го чул ли некој Чу!!! 

Уф, сега, сега…

Босата палавка фрчеше низ џунглата и не престануваше да баботи, додека БУМБИ верно ја следеше во чекор. И, во еден миг – ја снема. Каде исчезна? 

Се провирав низ најгустата џунгла што некогаш сте ја виделе. Толку беше густа, што веројатно ќе се сплеткав во неа да не бев вешта и подвижна. Веројатно и ќе ја изгубев Дијана, да не беа трагите што ги оставаше зад себе – тукушто израснати нежни момини солзи! 

О да, заборавив да ви споменам. Онаму каде што стапнуваше – никнуваа момини солзи. Оти хербоцелителите што владеат со магијата на растење ја имаат таа моќ… и неколку други, за кои ќе дознаете во следната приказна. 

Ќунефете, но ова е крај на нашава приказна. 

Зошто? Затоа што морам да ги најдам – и неа и Чу. Не смеам да ги оставам сами, нели? Значи: Еклерај, ова е крај. Ќе дознаете повеќе во – следната приказна!


Наскоро: Дијана од планетата Зана (2)


Илустрација: Здравко Гиров


Напишете коментар