„Бушава азбука“ – (за)печатен звучен код на македонскиот јазик и дух

Александра Јуруковска


Да се зборува и пишува за култни нешта, не е воопшто едноставно, иако можеби често ни се чини така, дека сите можеме сè да кажеме.

Сфатив дека колку повеќе размислувам за „Бушава азбука“ како комплетен проект, толку поголема возбуда чувствувам, толку потешко можам да ставам рамки на мојата анализа, на мојот текст. Голема одговорност е да се зборува за еден култен наслов и култен проект, стари 35 години, или од времето кога вака крупните, важни нешта сè уште не се нарекуваа проект. Сфатив дека возбудата ми доаѓа и оттаму што не можам докрај да бидам објективна, па дури и не сакам, затоа си дозволувам субјективно гледиште, субјективен одговор на едно мое многу важно прашање: Што е „Бушава(та) азбука“ за мене?

Додека пишувам, во главата слушам музика. Ги слушам Ана, Бодан и Влатко, Група Ц и „Дафино вино црвено“. Оди на рипит…

Да се говори за „Бушава азбука“ е како да се одговори на прашањата: Зошто мора да пораснеме или зошто сакаме вечно да останеме деца?

Сосема легитимни, помалку нелогични, но доволно природни прашања.

Растев со „Бушавата азбука“. Имав точно шест години кога како маѓепсана стоев пред телевизорот и ја пеев заразната песна за нашата азбука. Тогаш, повеќе детски, интуитивно, отколку сега, зрело и помалку професионално деформирано, почувствував дека нашиот македонски јазик е крајно мелодичен, пријатен за уши, дека неговата азбука е и музикална, и бушава, и палава, и фасцинантна. Дека членот ѝ е ритмичен, весел, моќен, а акцентот знае да милува како мајчина рака, како мајчин јазик.

Верувам дека не постои човек кој не памети барем една епизода или еден збор од прекрасната ТВ-серија „Бушава азбука“ или таков кој по појавувањето на истоимената книга, не се обидел да ги прочита имињата на растенијата: глуварче, гороцвет, глог, со гласот на Билјарката;

Потоа, јасно се сеќавам на сите обиди да раскажувам уверливо и сугестивно  за: јагула, јагне, јастреб како Ловџијата; да сакам да прочитам песна или пасус од некое дело со совршено артикулираниот глас и уште посовршен третосложен македонски акцент како Ненад Стојановски;

Она што двоецот Горан Стефановски и Слободан Унковски го направија со култната серија (1985), ненадмината ни според денешните ТВ-стандарди, една година подоцна го направи повторно Горан, но овој пат со Душан Петричиќ, српски илустратор со светска слава и искуство.

В раце, омеѓена меѓу корици, ја има(в)ме најшарената и најинвентивна читанка и/или буквар на македонскиот јазик.

Кога деновиве ја прелистував, препрочитував, кога повторно ги изговарав зборовите од „Бушава азбука“, трудејќи се да се сетам на бојата на гласовите на актерите од моето детство, мислам дека ја сфатив побудата на Билјана и на „Чудна шума“ – да се вложат напор и трпение за да го износат ова реиздание, за кое верувам дека по многу години, исто така, ќе се зборува како за култно.

„Бушава азбука“ од 1986 е книга за деца по сите светски или барем европски стандарди. Верувам дека ова издание и тогаш, а и сега одлично би се пласирало на секој Саем на книгата кој во фокусот ја има литературата за деца, како на пример оној во Болоња, и тоа според неколку важни елементи:

  • Изгледот на книгата, форматот и корицата – ја будат детската љубопитност да ја земат, да ја имаат в раце.
  • Фонтот на кој е пишувана – одговара за децата кои учат да читаат, но и за оние што веќе читаат, па дури им одговара и на бабите и дедовците кои треба да им читаат;  
  • Типографијата е оригинална, илустративна, експериментална. Тука лежи мајсторството на Петричиќ, на игрив и сугестивен начин на децата да им доближи една по една – 31 буква. Да им покаже дека Ч е чудо, дека Ц е црв, да им нацрта дека В е ветер. Во извесна мера има тука и семантичка типографија, кога на пример буквата В и самата е ветер.

И повторно доаѓаме до Горан Стефановски. Повторно го имаме Горан Стефановски. Понекогаш дури ми се чини и дека не сме свесни каков благослов за нашата култура е што го имаме Горан. Севкупното негово творештво е генијално по многу нешта. И што и да се каже за него е малку, затоа што постојано треба да се препрочитува, проучува, поставува на сцена и – да (се) живее. Горан е генијален затоа што со малку кажува многу, а тоа бидува запаметено. Така е и во „Бушавата азбука“ – (за)печатен звучен код на македонскиот јазик и дух.

Какви слики и описи: Ц личи на кофа од која тече вода;

Каков ономастикон на лични имиња од Македонија: Угран, Убавка, Угрин; какво едноставно, умерено пренесување на заборавените архаизми: модроцвет, миндал, лапниголтни слатки.

„Бушава азбука“ е доближување до духот на македонскиот народ, едноставно  возможно само преку јазик, но и обратно, оти најжилавото во опстојбата на еден народ е јазикот.

Затоа Г е за Горан оти тој е единствен, неприкосновен зналец на македонскиот јазик и ум. Г како гениј.

Еве уште мала доза лично боење на оваа приказна. Последниве десетина години живеам во Дебар Маало, едно е Дебар Маало, она скопското, Дебар Маало на Горан Стефановски, тој добар дух на малиот хронотоп, на ова парче кондензирано со воздух што мириса на липа, на готвени јадења по кафеаните и на полнеж од приказни.

Никогаш не сум била поблизу, а подалеку од Горан. Секое утро поминувам покрај неговата клупа и тивко во себе го поздравувам со „добро утро, меѓнику на мојата младост“, мислејќи на моите формативни години исцртани со неговите, пред сè, драмски текстови. Оти Горан Стефановски за мене е и првата пцост кажана на училиште за време на школска претстава, молив ставен в уста наместо цигара и дрско изговорена реплика од „Лет во место“, „Диво месо“, од „Тетовирани души“ или „Јане Задрогаз“.  Тој е секое место од каде што се одлепуваат и враќаат моите студии по книжевност, моето живеење со и во книгата, многу потешко од неа и секоја стапица исправена пред мене како автор, а уште повеќе како читател.

Горан е еден од меѓниците, стожерите и вертикалите на целиот мој живот во македонското писмо и јазик. Со неговата „Бушава азбука“ растев како дете, но расте и детето во мене и во позрелите години преку љубопитството за пишаното, кажаното и изговореното. Сега, на моја огромна радост, со него ќе растат и моите деца.

И има ли поголем бедем и утврдување на еден јазик од вака едноставно, а раскошно дело како „Бушавата азбука“ кое доаѓа во едно зловреме за она што сме ние? За она какви сме кон себеси и кон она што е наше – баба ми велеше немукает. Токму така и се чувствувам – немукаетлија!

Кога забрзани, заитани, задишани, сè помалку му обрнуваме внимание на јазикот на кој плачеме и се смееме, во рацете ни доаѓа „Бушавата азбука“, небаре еден deus ex machina, кој носи „спасоносно“ решение во секое драмско/ литературно дело, носи божја „интервенција“.

Сакам да верувам во плодоносниот живот на „Бушавата азбука“, во нејзината зараза која ние ја живеевме и која сè уште ја чувствувавме и покажуваме со блага носталгична насмевка на нас. Сакам да верувам во спасоносноста на оваа мала, а голема книга за сите големи и мали говорители на македонскиот јазик. Сакам да верувам дека доаѓа во вистинско време.

Време е за „Бушавата азбука“!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s