(Извадок)
од Ерин Боу
Немаше ни трага ни глас од коњот на Серик.
Ајсулу и брат ѝ Серик го бараа речиси два часа. Ги следеа сите патчиња и козји патеки, бараа траги во песокот и острите камења.
„Па“, рече Серик. „Тоа е тоа. Дулат ќе ме убие. Ќе умрам.“
Ајсулу го прегрна брата си. „Мислиш дека тоа е лошо? Јас ќе морам да везам.“
Стоеја заедно на една шкрилеста карпа, на која се имаа искачено за подобар видик. Над нив, небото беше високо и огромно и ведро, ишарано со птици. Под нив се простираше планината, безмилосна и пуста, со боја на лисица. Горе ја гледаа снежната граница, а долу електричниот вод и патот. Можеа да ги видат стадата кози и долината со трите јурти, шатор-куќите во кои живееше нивното пошироко семејство. Тоа што не можеа да го видат беше каква било трага од глупавите коњи што беа заталкале, додека нивните јавачи дремеа на сонцето.
И кашата во којашто ќе се најдеа сѐ помалку им беше смешна. Ајсулу полнеше вода, кога Серик дотрча по помош. Полнењето вода беше нејзина задача зашто беше девојче. Толку многу пати ги имаше носено ведрата по планината, што металните рачки ѝ имаа оставено жолтеникави линии по средината на прстите.
Во моментов, Ајсулу требаше да ја однесе таа вода до дома. Требаше да го изврши утринското молзење на јаковите. Требаше млекото од нив да го измати во путер. Немаше шанса нејзиното отсуство да остане незабележано. Мајка им, Ризагул, веројатно веќе го планираше новиот вез што Ајсулу ќе требаше да го почне кога ќе се врати. Ризагул не пропушташе шанса да ја подучи Ајсулу за женски работи. На Ајсулу не ѝ пречеа женски работи, но имаше и други интереси: грижа за соларните панели што ги снабдуваа со електрична енергија и нивното радио, учење математика и јавање со голема брзина и раце раширени како крилја. Во земја каде што девојчињата треба да имаат срце од млеко, Ајсулу имаше срце од небо.
А кога сме кај Серик… Ајсулу можеби ја чекаше везење, но Серик можеби ќе добиеше плескање со ремен. На четиринаесет години веќе беше престар за тепање, но ако го загубеше коњот, чичко му Дулат веројатно ќе направеше исклучок.
На врвот на шкрилестата карпа, Серик стоеше со главата зафрлена наназад. Гледаше како кружат птиците над нив. Беа огромни и црни на небото, пар златни орли. Ајсулу добро ги познаваше. Ги гледаше цела година, како влетуваат и излетуваат од одредена спила високо на планината. Долго време имаше само еден орел – таткото, но сега повторно беа два. Тоа значеше дека сигурно им се испилиле јајцата.
Гледаше како Серик ги гледа птиците. Со брат ѝ Серик беа речиси како близнаци во ликот: истата месечева тркалезност, истите очи како сончева светлина низ прав, истите образи огрубени од ветер, црвени како зрело јаболко. Во текот на изминатата година, Серик нагло порасна, стана повисок и почуден, додека Ајсулу остана ситна за своите дванаесет години, иако беше многу жилава и силна, со чекор вешт како на мачка. Но, како помали беа неразделни како кутриња. Дури и сега, на возраст кога девојчињата и момчињата се делеа, тие цврсто се држеа еден за друг.
Само што… Серик ги гледаше орлите со поглед што таа не го разбираше, со еден копнеж толку силен речиси како болка или страв. Со едната рака цврсто се држеше за ногата, веднаш над коленото.
„Еј!“ Ајсулу го буцна. „Загубен коњ? Да не заборави?“
Серик се сепна. „Силен Ветер!“ викна тој.
Немаше обичај меѓу нивниот народ – Казаците од западна Монголија – да им се даваат имиња на животни, но децата секако го правеа тоа. Серик рече дека сака да го вика својот коњ Силен Ветер, затоа што бил многу брз. Ајсулу се согласи за името затоа што, рече таа, коњот имал склоност и кон прдење.
Серик ги склопи дланките за да создаде мегафон. „Силен Ветер!“
Само обичниот ветер му одговори. Сонцето беше топло, но воздухот полека стануваше студен.
Серик ги спушти рацете. „И, што сега?“
„Не знам“, рече Ајсулу. „Можеби би можеле да му го следиме мирисот?“
„Замолчи“, братски возврати Серик. Потоа воздивна. Фаќајќи се за рака, се спуштија надолу по шкрилестата карпа. Долу, Ајсулу го истресе правот од палтото. Палтото беше стариот шапан од брат ѝ, долго до колена и направено од сомот. Беше црно кога го носеше Серик, но сега беше толку избледено, што личеше на стара училишна табла ишарано со траги од сунѓер. Скудните парчиња вез околу околувратникот беа излитени, а ветерот ги беше заплеткал златните нишки во нејзината црна коса.
„Твојот коњ“, рече таа, помагајќи му на Серик да се спушти наземи, „е глупав како две вреќи камења и руски турист.“ Си го збрчка носот и ги пикна пуштените прамени коса зад ушите. И покрај бескрајните прекори на мајка ѝ, Ајсулу никогаш не успеваше да ја задржи косата уредно сплетена. „Што правиме сега?“
„Да провериме на ливадата.“ Серик се издиша. Под тексас-јакната носеше блуза со Мики Маус. Мики се смешкаше. „Но… тајфата беше таму. Веројатно ќе ги сретнеме.“
Мислеше на татко им и нивните чичковци.
Мислеше на нивниот најстар чичко, Дулат, оној со празните очи.
Серик полека го губеше здивот. Си ги забриша рацете од фармерките. Додека го правеше тоа, Ајсулу забележа нешто. Имаше место на ногата, местото што го стискаше, што кога го допре, се штрекна од сопствениот допир, како коњ со повредена уста што се штрека на повлечени узди. Додека го гледаше, тој повторно се стисна, обидувајќи се да ја одреди болката на начин што само луѓето го правеа.
Го имаше видено да го прави истото и претходно. Беше забележала благо поткривнување што почнуваше да го менува Серик, да го смрачува. Не веруваше дека некој друг го имаше забележано. Серик го криеше, а таа не го обвинуваше. Живееја во сурова средина. Коза што кривеше можеше да заврши само во казан.
Серик забележа дека Ајсулу го гледа и ја пушти ногата. Си ја намести тубетејката и се протри по челото. „Слушај, Ајш, не мораш да доаѓаш. Можам и сам.“
„Серкен, не биди глупав.“ Тој ѝ се обрати со прекарот од детството, па таа му возврати со неговиот, иако веќе речиси го беше надраснал. Беа на раб на нешто, на некаква голема промена. За момент само се гледаа. „Ќе одиме заедно. Важи?“ Му понуди тупаница.
Тој најпрвин се колебаше, па ѝ возврати со тупаница. „Важи.“
Ајсулу свирна и нејзината кобила, Месечева Дамка, дотрча каскајќи. „Гледаш?“ му се исклешти на Серик. „Можеш да ги научиш да доаѓаат на повик!“
„Молчи ајде“, ѝ возврати тој, плеснувајќи ја по рака.
И таа го плесна, затоа што го сакаше и затоа што ѝ беше брат.
Потоа одјаваа заедно, кон ливадата, под ведрото небо.
Качени на грбот на Месечева Дамка, Ајсулу и Серик јаваа по една козја патека што водеше до ливадата. Таму замина нивното семејство со козите утрото, но кога стигнаа на работ, немаше ни коза ни чичко. Само празна ливада со зелена трева и сини булки.
„Не се тука“, рече Серик.
„Се шегуваш! Сериозно?“ рече Ајсулу. Но, не ѝ беше до шега. Ако ги најдеа своите ќе беа во неволја, но тоа што не ги најдоа значеше дека нешто не беше во ред. Зошто не би биле тука? Пасиштата беа добри – беше јуни, а во Монголија тоа значеше најрано лето, време кога ливадите беа меки, но времето променливо.
Се менуваше и сега. Над нив, блескави облаци летаа како ленти на ветерот.
„Не разбирам.“ Серик седна. „Каде би можеле да бидат?“
„Погоре? Или се вратиле дома?“ Ајсулу слезе од кобилата и се качи на работ на ливадата за да погледне назад кон правецот од кој дојдоа. И таму ги виде: облаци натрупани зад планините по должината на долината. Снег се спушташе од нив со долги модри прсти. Летна снежна виулица. Ајсулу се скочани.
Серик дојде до неа. „Ајш…“ Нејзиното скратено име се рашири како молитва. „Треба да одиме.“
Да. Треба да одат. Виулицата можеше да втаса во секој момент. Родителите ги научија: Најди засолниште и ќе бидеш добро. Во спротивен случај, можеш да умреш. Мораа да се вратат назад во кампот. Но, Ајсулу рече: „Без твојот коњ?“
Серик си ја поткаса усната и со раката повторно се фати за болното место на ногата. Ајсулу гледаше како се стиска. Речиси можеше да ја почувствува страшната болка. Да загубиш коњ… Самата помисла ѝ го стегаше срцето.
Месечева Дамка јадеше булки, додека ветерот ѝ ги вееше гривата и опашката како знамиња. Си направи слика: сива кобила со црна грива меѓу синото цвеќе. Месечева Дамка не се плашеше. И Ајсулу се обидуваше да не се плаши. „Дома е надолу“, рече таа. „Но, за да го најдеме Силен Ветер, треба да одиме нагоре.“
На подалечната страна на долината имаше висок превој, каде што планината се допираше со соседната планина. По него водеше мала патека од песок и глина. Знаеше дека зад тој превој имаше друга ливада. Последен пат кога беше излегла кришум да јава, ја најде, преполна со чичка, омилена кај коњите. Тогаш цветовите беа стиснати како тупаница, но сега сигурно беа расцветани. Можеби би привлекле коњ.
Ајсулу ѝ свирна на Месечева Дамка да дојде и ја јавна. „Силен Ветер би отишол нагоре“, рече таа. „Затоа што, во спротивен случај, ќе го сретневме кога се спуштавме.“ Тоа не беше точно – планината беше преполна со набори и скришни места. На крајот на краиштата, некако успеаја да не видат цело стадо кози. Но, Ајсулу мислеше дека еден коњ како Силен Ветер би ги следел патеките, бидејќи нема мозок. Мислеше дека би отишол кај чичките.
Серик повторно си ја стисна ногата, небаре заборавил дека го гледа. „Ќе се качиме на превојот и ќе погледнеме.“ Не кажа и потоа ќе си одиме дома, но таа јасно ги слушна тие зборови во неговата тишина. Ќе провериме на едно место и потоа ќе го оставиме мојот коњ. Тоа беа зборовите што не ги кажа.
Имаше болка на лицето на Серик.
Ајсулу ја разбираше. Во Монголија велат дека кобила не освојува медал – што значеше дека женките коњи се бавни, а девојчињата јавачки уште побавни. Повеќето девојчиња не знаеја да јаваат, но Ајсулу знаеше. Татко ѝ секоја година ги пушташе коњите на големата есенска трка, а кога Серик на девет години стана престар и претежок да ги јава, Ајсулу на седум научи да ги лета. Беше брза како лисица – имаше брзи уши и очи и умееше да врти странично при галоп без воопшто да се помести од седлото. И имаше освоено и медали, неколку, кои висеа на парче кадифе заедно со старите боречки медали на татко ѝ и фотографии од дедо ѝ со неговиот прочуен ловечки орел.
Обожаваше коњи. Ја обожаваше Месечева Дамка. Ако Ајсулу ја загубеше Месечева Дамка, како што Серик го загуби Силен Ветер… Тоа беше најстрашното нешто што можеше да си замисли да го загуби, дури и самата помисла беше ужасна.
Но, немаше време за такви грижи. Го повлече брата си на кобилата зад себе. Со виулицата зад грб и телата притиснати, брзо одјаваа. Прелетаа низ долината со булки и се упатија нагоре кон превојот. Мускулите на Месечева Дамка се ширеа и собираа под нозете на Ајсулу. Телото на кобилата одеднаш ѝ стана топло, бидејќи ветерот стана студен. Мирисот на воздухот стана остар.
На највисоката точка на превојот имаше светилиште кон небото. Беше направено од камења, помали и поголеми, кои беа наредени на купче широко околу десетина и високо околу пет метри. На врвот на купчето имаше поставен стап, на чијшто врв беа врзани шалови и знамиња од сина свила. Ајсулу и Серик вртеа околу светилиштето додека не добија поглед над северната падина.
Зад нив, спроти долината, најблискиот планински врв се завиваше во сивите облаци како жена која си ја завиваше косата. До нив знамињата на светилиштето виеја и се кинеа на ветерот. Долу пред нив се протегаше големата ливада.
Бурата се приближуваше, но ливадата под северната падина сѐ уште беше сончева, наместа прошарана со забрзани сенки од облаците горе. Беше полна со птици песнопојки и чички, а на подалечната страна се гледаше фигурата на коњот на Серик.
Серик слезе и секавично се стрча надолу. Се забележуваше дека поткривнува на едната нога. Стави два прста в уста и остро свирна.
Главата на Силен Ветер се крена.
Главата на Силен Ветер повторно се спушти.
Се врати на чичките.
„Две вреќи камења…“, рече Ајсулу.
„…и руски турист. Не велам не! Силен Ветер!“ викна Серик колку што го држи глас, но ветерот му ги шибна и му ги распарчи зборовите.
Од грбот на својата кобила, која беше многу подобар коњ, Ајсулу се закикоти. „Нема шанси. Ќе мораме да одиме по него.“
Серик се сврте и ја погледна. Потоа погледна зад неа и очите му се ококорија.
Ајсулу се сврте и снежната виулица беше тука, блиска и масивна како ѕид.
„Чекај овде!“ викна таа. „Скриј се!“
Ги стисна колената и легна на грбот на Месечева Дамка. Силно ја бодна со петите. Истрчаа.
Месечева Дамка трчаше по ливадата, а Ајсулу, без седло, се движеше по сеќавање од големите трки, ефикасно и без напор. Имаше чувство како да летаат, срцата биеја брзо, копитата едвај ја допираа земјата. Силен Ветер ги виде како доаѓаат. Ја крена смотаната кафеава глава и за’ржи. Можеби тој имаше тркачко име, но Месечева Дамка имаше тркачко срце.
Кобилата и нејзината јавачка вртеа околу Силен Ветер како куче околу залутана крава. Месечева Дамка заврти остро, а Ајсулу се навали, цврсто стегајќи ја со колената, при што мускулите на кобилата се разбрануваа небаре беа нејзини. Брзината беше заразна: го понесе и Силен Ветер. Месечева Дамка истрча кон светилиштето, а Силен Ветер иташе по неа, со развиорени узди и изместеното ќебе-седло под ременот. Се вратија кај Серик токму кога удри снежната виулица.
Серик го грабна Силен Ветер за уздите. „Наваму!“ викна, посочувајќи.
Снегот наеднаш ги опколи. Качена на кобилата, Ајсулу не можеше да го види ни врвот на прстите на Серик. Но, го следеше додека тој го влечеше Силен Ветер кон заштитената страна на светилиштето. Ајсулу забележа дека Серик не само што ги чекал туку и ги спасил. Ги преместил камењата за да направи скривница во форма на V во нив.
Скокна наземи и истрча да му помогне, правејќи ја скривницата поголема и подлабока, и покрај тоа што иглите од снег ѝ ги бодеа прстите. Серик беше облечен во блуза и тексас-јакна, фармерки и патики со излижани лепенки. Наследеното шапан-палто на Ајсулу беше само сомот со излитено полнење. Шапанот можеби бил топол кога го носел Серик, но полнењето сега беше грутчесто и истенчено. Ниеден од нив не беше облечен добро за да преживее снежна виулица. Обајцата го знаеја тоа.
Скривницата што Серик ја имаше отворено беше мала. Ајсулу се пикна внатре и продолжи да преместува камења. Дури и додека беше затскриена внатре, ветерот ѝ ги вееше отплетените влакна на темето. Серик работеше до неа, рамо до рамо. За само неколку мига успеаја да направат доволен простор за двајцата.
„Не може да ги собере и коњите“, рече тој. Не можеа доволно да го зголемат нивното скривалиште без алати, а немаа ни време. Ајсулу го знаеше тоа, но сеедно сакаше да се обиде.
„Ќе бидат добро, Ајш“, рече Серик.
Месечева Дамка беше диво животинче, сѐ уште го менуваше зимското влакно. Обата коња беа жилави, рунтави, ситни и диви: монголски коњи, издржливи како растенијата што растеа во процепите на карпите.
Ајсулу си го кажа тоа кога ги остави на студот.
Ајсулу обично јаваше без ништо, но Серик обично наместо седло ставаше едно здиплено ќебе. Сега го извади од Силен Ветер и го внесе во скривницата. Отворајќи го, ја удри Ајсулу со лакотот. Ќебето не беше многу поголемо од молитвено килимче – широко шеесет сантиметри и долго сто и дваесет. Беше стврднато од земја и коњска пот, но беше изработено од дебел филц и ќе држеше топло. Серик ѝ го тутна в раце и излезе. Во два чекора исчезна во снегот, но по пет здива се врати. Украл од сината свила од јарболите.
Ја напикаа свилата под себе. Клекнаа и го повлекоа ќебето над своите тела и глави. Настапи мрак.
Ајсулу и Серик седеа стуткани под ќебето-седло, а снежната виулица беснееше над нив. Ветерот се провре околу рабовите и ќебето почна да натежнува од снег. Студ се ширеше од камењата, но свилата ги штитеше од најлошото. Ќебето над нив правеше мал шатор. Во него седеа лице в лице во мракот. Колената им се допираа, здивот им испаруваше.
Беше студено, но не смртно студено. Немаше да умрат.
Ајсулу ја стисна дланката во тупаница и нежно го потчукна Серик во градите, затоа што ѝ беше брат и затоа што ги спаси. „Секоја чест што ти текна со камењата.“
И тој ја потчукна. „Секоја чест што го најде коњот.“ Тешко издиша. „Мислам дека ќе бидеме добро.“
„Добро?“ си го олабави гласот за да го прикрие стравот. „Ова е совршено! Нема ни да нѐ искараат дома.“
Кога ќе си дојдеа дома по снежната виулица, храбри и остроумни преживеани, нивните родители ќе беа само пресреќни што ги гледаат.
Или барем пресреќни што го гледаат Серик.
Казашките номади живеат во големи семејства, каде што главешина е најстариот брат: во нивниот случај, чичко им Дулат, кој беше жесток како крал. Но, Дулат немаше деца, па ако тој беше крал, тогаш Серик беше принц. А ако Серик беше принц, беше извонреден. Беше брз, добродушен и духовит. Умееше да јава сешто, од јарец до јак. Неговото име беше првиот збор што Ајсулу го изговори: го научи затоа што мајка ѝ постојано го извикуваше по степите. Серик, слези оттаму! Серик, враќај се!
Сепак, мајчините прекори кон Серик никогаш не беа престроги. Серик беше палав, но требаше да е палав. И Ајсулу беше палава, но тоа беше поразлично.
Не беше сигурна дека мајка ѝ толку ќе се израдува што ќе ја види неа.
Но, тоа беше за подоцна. Сега, седеа стуткани еден до друг. Виулицата виеше. Серик упорно мрдаше ли мрдаше, поради што студот навлегуваше и со своите модри раце ја допираше Ајсулу. „Не мрдај“, му рече кога во еден наврат малку го повлече ќебето и ѝ го откри тилот. Серик поседе мирен неколку секунди. Но, потоа повторно мрдна, бавно, небаре се обидуваше да го скрие движењето од неа. Тогаш Ајсулу сфати: спушташе тежина на болното место на ногата. „Сакаш да се смениме?“ го праша.
Ќе беше ризично да ги променат местата. Ќе ја испуштеа сета топлина што ја имаа собрано. На Серик како да не му беше јасно. Не рече ништо.
„Сврти се“, му рече таа. „Тргни ја тежината од болната нога.“
Почувствува како го бодат нејзините зборови. Тој вдиша длабоко и застана сосем мирно. „Немам никаков проблем со ногата.“
„Никој не го гледа.“
Но, таа го гледаше.
За момент обајцата седеа во тишина, дишејќи си в лице. Многу беа блиски. Многу се сакаа. Секако дека можеа да разговараат за сѐ. „Колку долго те боли?“ прошепоти Ајсулу. „Имаш ли кажано некому?“
Носот на Ајсулу беше полн со мирисот на брат ѝ: момчешка и коњска пот, но и нешто друго, нешто остро и луто, мирис од кој ѝ се стегна срцето. Нешто… Сфати дека беше болен. Помислата ѝ го истисна воздухот од градите. Тоа беше онаков удар што е толку лош, што некое време чувствувате само вкочанетост.
Ајсулу беше вкочанета. Почувствува како солзи ѝ ги шират очите.
„Ништо страшно“, промрмори Серик.
„Не!“
„Ќе заздрави само по себе.“
„Но, што ако не заздрави? Серик, што ако нешто навистина не е во ред? Мораме да кажеме некому. На мама… на тато…“
„Да не си се осмелила. Да не си се осмелила.“
„Но, можеби е…“, рече, но запре. Не знаеше што би можело да значи кривењето. Не дека кутрите кози кои кривеа добиваа некаква дијагноза.
Серик се извлече од нејзината прегратка и го фрли ќебето. Згрчено се повлече. Снежната виулица навре. Насобраниот снег им се слизна во чевлите. „Да се смениме тогаш“, рече. „Ако ти знаеш најдобро. Ако ти ги знаеш сите одговори. Тогаш да се смениме.“
Немо, Ајсулу се помести на неговото место. Потоа тој повторно клекна, на нејзиното место, повторно свртен кон неа, но овој пат на другата нога. Извесно време студеше, но потоа повторно се стопли.
„Серкен…“
„Зар не сфаќаш?“ гласот на Серик беше длабок и груб. Беа толку блиску што можеше да го почувствува треперењето на неговиот здив. Дланките му беа стиснати во тупаници меѓу нив, но не ја потчукна – што и да беше болката, не беше нешто што можеше да ги поврзе. „Зар не сфаќаш, Ајш? Не можам… Не можам да останам овде ако кривам. Не можам да јавам со стадото или да ги водам козите на пасење или што било. Ќе ме одведат некаде.“
Серик, златното дете, принцот. Го сакаше тој живот, поради што Ајсулу го сакаше уште повеќе. Но, како можеше момче кое криви да предводи номадско семејство?
„Нема… никогаш нема да те…“ Ја стисна дланката во тупаница и ја притисна на неговото срце. „Серкен… заедно. Заедно ќе им кажеме.“
„Не!“ Просторот меѓу нив беше мал, но неговите раце се згрчија во него. Ја туркаше од себе. „Да не си се осмелила, Ајш. Ќе загубам сѐ.“ Камењата под нив беа тврди. Снегот над нив беше тежок. „Ако кажеш, ќе загубам сѐ“, рече Серик, а Ајсулу знаеше дека веројатно имаше право. „И никогаш нема да ти простам, Ајш. Ќе те мразам до крајот на животот.“
Ајсулу замолче. Имаше чувство како жица да ѝ го стега грлото. Ја стегаше и стегаше, додека не помисли дека ќе остане без здив. Клечеше стуткана со брат ѝ во темнината, додека ветерот виеше и снегот паѓаше, натежнувајќи над нив.
Илустрација на корица: Катерина Николовска
Превод од англиски јазик: Диана Николовска