Шогунот и врапчето

(древно јапонско предание)

од Живко Грозданоски


Според легендата, во деновите кога славниот Минамото Јоритомо го воспоставил шогунатот Камакура во Јапонија, во царството се случила една голема и страшна трагедија која требало што побрзо да биде заборавена, но останала да се прераскажува низ вековите.

Имено, великиот император, шогунот Јоритомо, имал обичај секое утро да се шета по грижливо уредениот тревник пред дворецот, и со строг поглед да ги набљудува единаесетте самураи од неговата лична гарда, кои дење-ноќе стоеле како кипариси наредени крај портите од дворецот. Тоа биле највредните единаесет воини во целото царство и биле задолжени за личната безбедност на Пресветлиот.

Едно утро, додека тој спокојно чекорел по тревникот, некое неупатено врапче во лет испуштило измет точно на неговото лево рамо. Недопирливиот не го забележал тоа, но го забележале самураите кога Семоќниот поминал пред нив. Секако, никој од воините не се осмелил ни да трепне со око, а камоли да помисли да му ја предочи оваа незначителна непријатност на Велелепниот. 

Оваа ситна незгода сигурно ќе била многу брзо заборавена, но, поради којзнае чиј пропуст, Возвишениот и следниот ден се појавил со истата (сега малку засушена) дамка на рамото. Самураите премолчале и вториот, па и третиот ден. Сепак, меѓу нив се појавил сомнеж, а со тоа и немир: на каков тест ли се ставени? Оваа напнатост набрзо се претворила во трагедија.

Поточно, петтото утро, уште пред да излезе великиот шогун на својата прошетка, еден од најценетите самураи на неговото височество се појавил на служба со сличен измет на рамото. Единствената разлика била во тоа што неговата дамка била на десното рамо.

Кога веќе заплашените самураи ја забележале злокобната новост, премреле од страв. Сега веќе биле сигурни дека се ставени на тест, а најисплашениот од нив не издржал и – паднал на колена пред самурајот со смрдлива дамка на рамото! Сите други самураи со ужас во очите ја гледале сцената. Во бунило, и тие се срушиле на колена пред колегата одликуван со измет од врапче.

Самурајот со гомце на рамото вџашен гледал во своите другари. Не сфаќал што се случува, но се почувствувал како некој да му ги потсекол нозете, и тоа така брзо, со така остра катана што тој не можел да не се задржи на нив.

Шогунот Јоритомо, пак, кој оддалеку ја следел оваа страшна сцена, првпат во својот живот се почувствувал ужасно загрозен. Сепак, успеал да остане прибран, да избега од палатата и да дејствува лукаво: единаесетте самураи биле опколени и погубени уште истиот ден, и долго време било забрането да се зборува за нив.


Приказната е извадок од книгата „Пет приказни од целиот свет“ од Живко Грозданоски.

Илустрација: Хари Дудески

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s