(Извадок)
од Симона Јованоска
Во градот Вабу живееја многу интересни жители. Таму, повеќето се познаваа меѓу себе и секој учтиво се однесуваше кон соседите. Штом сонцето ќе почнеше да се искачува на небото, еден по еден се будеа луѓето, децата и маалските животинчиња.
По обичај прва се будеше госпоѓа Аниф. Таа живееше над старата брашнарница и секое утро пиеше чај на малечката тераса. Таму обично ги сушеше своите омилени чорапи во најразлични бои, по кои беше надалеку позната. Ги носеше во секоја пригода, ги чешлаше со специјална четка и уживаше во нивната мекост.
Од чајот во воздухот се ширеше миризлива пареа и ја будеше нејзината сосетка, бабичката Нана. Таа беше првиот муштерија на пазарот за овошје и зеленчук. Зад себе секогаш ја тегнеше корпата полна со домати, компири, моркови, спанаќ, јаболчиња, круши, праски.
– Многу е важно да се храниме здраво – ќе го отпоздравеше брашнарот Олеб, околу кого секогаш лебдеше бел облак од брашно, и кроце ќе продолжеше по својот пат.
Олеб беше млад господин со темна коса и густи мустаќи, но таков беше само во мугрите кога ја отвораше брашнарницата. Штом се фатеше за работа, побелуваше како остар планински врв. Секогаш беше насмеан и весел.
– Луѓето што работат со храна не смеат да бидат тажни за да не ја натажат храната, а сите знаат дека тажната храна не е воопшто вкусна – се шегуваше тој и затоа беше омилен брашнар во градот.
Бабата Нана имаше обичај да носи шапка со шарени цвеќиња, па околу нејзината глава постојано летаа пеперутки, бубамари и разни бубачки. Тие ја разигруваа маалската мачка, која сите ја викаа Сиви. Постојано скокаше сакајќи да ги дофати и каде и да одеше, правеше неред. И покрај тоа, сите ја сакаа, ја галеа и ѝ даваа да јаде.
Потоа на тротоарот се појавуваше човекот задолжен за чистота кого сите го познаваа како Етем. Во занес ги метеше паднатите ливчиња и пердувчиња, а бидејќи го гледаа постојано со неговата метла, многумина веруваа дека метлата е волшебна.
– Сигурна сум дека Етем дење чисти, а ноќе лета со метлата – зборуваше една љубопитна сосетка
– Некои велат дека го виделе на полноќ како прелетува над покривите на Вабу – зборуваше друга
сосетка.
Приказните за Етем сѐ уште никој не можеше да ги потврди, но и покрај тоа, тие се ширеа меѓу луѓето со нескриен восхит.
Никој не знаеше кога точно се будеше Гам – старецот кој живееше во најнеобичната куќа на крајот од градот, во форма на џиновски чајник. Гам не беше помалку необичен; тој беше научник кој повеќе сакаше да се дружи со животните, а ги избегнуваше дружбите со луѓето зашто му беа некако здодевни.
Возрасните многу малку прашуваа зашто мислеа дека знаат сѐ, а сите знаат дека никој не може да знае сѐ. Па, тие се држеа понастрана од Гам, тој едноставно беше странец обвиен во мистерија, во мирниот град. Живееше во чајник што, иако изгледаше откачено, одлично функционираше. На едната страна имаше голем оџак околу кој беа обвиткани куп балони. Една скала стоеше потпрена на заоблениот ѕид и водеше до капакот на чајникот, кој всушност беше поткровје. Големата рачка му служеше за спружање алишта и разни необични наметки и шапки.
За него кружеа многу приказни: дека бил патник низ времето дојден од иднината со сто куфери; дека бил сликар кој побегнал од друг град во Вабу со сто боички; дека можел да зборува со сто различни животни. Некои зборуваа дека во чајникот оживувале сите расипани, па поправени играчки што самиот Гам ги поправал, а други, пак, дека навечер се претворал во магла и тајно лебдел над лицата на заспаните деца. Но, најомилена приказна на луѓето за Гам им беше таа во која се зборуваше дека е откачен научник кој треба да се избегнува. Такви беа жителите на Вабу – кога нешто им беше непознато, тие се плашеа и стоеја понастрана од него.
Децата, пак, беа воодушевени од џиновскиот чајник исто толку колку што беа воодушевени од различните приказни за него. Навистина беше невообичаено да се види дека некој живее во чајник со прозорци и врата. Цвеќиња со најразлични бои ползеа околу заоблените ѕидови. Однатре секогаш се ширеше мирис на највкусни торти и колачиња.
Во неговиот двор имаше ежиња, верверички, желки, зајачиња и птици кои живееја таму, секое во свој куфер. Бидејќи беше стар и не можеше повеќе да патува, Гам им ги отстапи куферите на животните. Тие во нив си правеа живеалишта во кои удобно си живееја. Само малото глувче живееше покрај прозорецот, покриено со тенок лист од марула.
– За тебе нема куфер, многу си мал – му зборуваше Гам додека го хранеше со кашкавал и нежно го чешкаше по грбот.
На другиот крај од градот живееше момче по име Нави. Навидум обично детенце со кафеава коса и дамчесто лице, а всушност љубопитно ѕвере полно со прашања и жедно за одговори.
Одвај чекаше да порасне! Секој ден штом станеше од спиење, се мереше и ставаше цртки на ѕидот, сѐ погоре и погоре. Тој и Сиви беа неразделни, постојано се галеа, си играа и заедно шетаа низ уличките на Вабу. Нави имаше слушнато дека треба да стои понастрана од незгоди, но колку беа посилни забраните, толку повеќе го привлекуваа. Тој веруваше дека чајникот е најубавата куќа во градот и постојано си замислуваше како изгледа однатре.
– Да не ми забрануваа моите, можеби ќе појдев и ќе го замолев старецот да ми дозволи да погледнам – му се жалеше на мачето. – А можеби треба да појдам и да го замолам без да знаат моите, па не правам ништо лошо… – си мислеше Нави додека бесцелно шетаа со Сиви низ маалото.

Илустрации: Алексеј Костовски