Метју Катберт е изненаден

(Извадок од „Ен од Зелената фарма“)

од Луси Мод Монтгомери


Метју Катберт и црвеникавата кобила лесно ги минаа петнаесетината километри до Брајт Ривер. Тоа беше добар пат, што водеше помеѓу убави фарми, а наместа минуваше низ некоја елова шума или долина полна со диви сливи накитени со нежни цветови. Воздухот беше сладникав од мирисот на многубројните овоштарници со јаболкници, а во далечината ливадите се спуштаа кон бисерната и пурпурна маглина на хоризонтот, додека…

„Птичките пееја како тоа да беше

единствениот летен ден во годината.“

Метју уживаше во возењето по свој терк, освен во моментите кога наидуваше на жени и мораше да им кимне со главата, затоа што на островот Принц Едвард учтиво е да се кимне на сите, без разлика дали ги познавате или не.

Метју се стаписуваше од сите жени, со исклучок на Марила и г-ѓа Рејчел. Имаше некакво непријатно чувство дека тие непознати суштества му се смеат. Можеби и имаше право, бидејќи тој навистина беше човек со мошне необичен изглед: со трома фигура, долга, метално сива коса до рамена и густа и мека кафеава брада што ја носеше уште од времето кога имаше дваесет години. Всушност, кога имаше дваесет години изгледаше горе-долу исто како сега на шеесет, со исклучок на седата коса.

Кога пристигна во Брајт Ривер, немаше ни трага ни глас од никаков воз. Помисли дека подранил, па ја врза кобилата во дворот на малиот градски хотел и отиде до станицата. Долгиот перон беше речиси пуст. Единственото живо суштество беше едно девојче кое седеше на купче ќерамиди на крајот на перонот. Метју, едвај забележувајќи дека беше девојче, помина покрај неа најбрзо што можеше, без да ја погледне. Да ја погледнеше, сигурно ќе ги забележеше напнатата вкочанетост и исчекувањето во нејзиниот став и изразот на лицето. Седеше таму и чекаше нешто или некого и, бидејќи седењето и чекањето беа единствените работи што можеше да ги прави, си седеше и чекаше упорно.

Метју го начека шефот на железничката станица како ја заклучува билетарницата за да си оди дома на вечера и го праша дали наскоро ќе пристигне возот што доаѓа во 17.30 часот.

„Возот што доаѓа во 17.30 пристигна и замина пред половина час“, му одговори тој. „Но, Ве чека една патничка. Девојче. Седи онде на ќерамидите. Ѝ реков дека може да чека во женската чекалница внатре, но таа со сериозен тон ме извести дека претпочита да остане надвор. ’Овде имам поголема можност за фантазирање‘, ми рече. Ми се чини дека е малку чудна.“

„Не очекувам девојче“, збунето рече Метју. „Дојдов по момче. Требаше веќе да биде тука. Г-ѓа Спенсер требаше да ми го донесе од Нова Шкотска.“

Шефот на станицата свирна со неговото свирче.

„Веројатно дошло до грешка“, рече тој. „Госпоѓа Спенсер слезе од возот со девојчето и ми го предаде мене. Рече дека Вие и Вашата сестра ја посвојувате од сиропиталиште и дека ќе дојдете по неа. Тоа е сѐ што знам. Немам други сираци тука.“

„Не разбирам“, рече Метју беспомошно, посакувајќи Марила да беше со него за да се справи со ситуацијата.

„Па, најдобро да го прашате девојчето“, отсечно му возврати шефот на станицата. „Мислам дека ќе умее да Ви објасни. Јазик има, тоа е сигурно. Можеби немало момче какво што сте барале.“

Затоа што беше гладен, шефот на станицата си замина, а Метју беше принуден да го стори тоа што му беше потешко одошто да се соочи со лав – да пристапи на девојче, непознато девојче-сирак, и да праша зошто не е момче. Метју нерасположено воздивна, се сврте и полека тргна накај неа.

Таа го следеше со поглед уште од моментот кога ја беше одминал, а и сега очите ѝ беа вперени во него. Метју не ни гледаше во неа, а дури и да гледаше, сеедно немаше да забележи како изгледаше, но еден обичен набљудувач ќе го согледаше следново: Дете на околу единаесет години, облечено во многу кус, многу тесен и многу грд фустан од жолто-сива памучна ткаенина. Носеше избледена кафеава морнарска шапка, а под неа, по должина на грбот, се спуштаа две плетенки од многу густа, црвеникава коса. Лицето ѝ беше ситно, бело и тенко, преполно со пеги, устата ѝ беше голема, исто како и очите, што во зависност од светлината и расположението беа зелени или сиви.

Тоа би забележал еден обичен набљудувач. А извонреден набљудувач би можел да забележи дека брадата ѝ беше мошне шилеста ѝ истакната, дека крупните очи ѝ беа исполнети со живост и енергија, дека усните ѝ беа убави и експресивни, дека челото ѝ беше широко и полно. Накусо, нашиот остроумен набљудувач би можел да заклучи дека во телото на оваа заталкана жена-дете, од којашто срамежливиот Метју Катберт сосема непотребно се плашеше, не живееше обична душа.

Меѓутоа, Метју беше поштеден од маката да проговори прв, бидејќи во истиот момент кога девојчето заклучи дека му приоѓа, тоа скокна на нозе и со едната тенка рака ја фати рачката на една излитена, старомодна патна торба, а другата му ја подаде нему.

„Вие сте г. Метју Катберт од Зелената фарма?“ рече таа со совршено јасен, пријатен глас. „Многу ми е мило што Ве гледам. Почна да ме фаќа страв дека нема да се појавите и низ глава ми поминаа разни грди работи што би можеле да Ве спречат во тоа. Решив дека доколку не дојдете до вечер, ќе тргнам по шините до онаа големата дива цреша на аголот, ќе се качам на неа и ќе преноќам горе. Воопшто немаше да ми биде страв, а и зар не мислите дека би било убаво да се преспие на дива цреша полна со прекрасни бели цветови што блескаат под месечевата светлина? Можете да си замислувате дека спиете во мермерна палата, нели? А бев сосем убедена дека ако не стигневте до вечер, ќе дојдевте по мене рано изутрина.“

Метју несмасно ја држеше малата, тенка рака во својата. Тогаш и таму одлучи што ќе стори. Не можеше на ова дете со блескави очи да му каже дека дошло до грешка. Реши да ја однесе дома и да ја остави Марила да ѝ објасни сѐ. Никако не можеше да ја остави во Брајт Ривер, без оглед на каква било грешка, а сите прашања и објаснувања слободно можеа да бидат одложени додека не се вратат безбедно на Зелената фарма.

„Извини што доцнам“, ѝ рече срамежливо. „Ајде, ела. Кобилата е онде, во дворот. Дај ми ја торбата.“

„Ах, нема потреба. Можам јас и сама“, ведро му одговори девојчето. „Сите мои земски работи се во неа, но не е тешка. А и ако не ја држите на одреден начин, рачката излегува, така што најдобро е да ја носам јас, бидејќи точно знам како треба. Тоа е екстремно стара патна торба. Ах, многу ми е мило што дојдовте, и покрај тоа што ќе беше многу убаво да се преспие на дива цреша. Нѐ чека долг пат, а? Госпоѓа Спенсер ми рече дека сте на петнаесет километри одовде. Баш ми е мило, зашто обожавам да се возам. Ах, колку е убаво што ќе живеам со вас и ќе ви припаѓам вам. Никогаш не сум била ничија. Не вистински. Ама во сиропиталиштето беше најлошо. Таму бев само четири месеци, но тоа беше сосема доволно. Местото е полошо одошто можете да си замислите. Госпоѓа Спенсер ми рече дека не е убаво што зборувам така, но јас немав никаква намера да бидам лоша. Многу е лесно да се биде лош несвесно, нели? Знаете, тие беа добри луѓе, луѓето во сиропиталиштето. Но, во едно сиропиталиште нема баш простор за фантазија. Човек може да фантазира само за другите сираци. Интересно беше да се фантазира за нив. На пример, си замислувате дека девојчето кое седи до вас е, всушност, ќерка на некој одликуван гроф, која зла дадилка ја украла од родителите како бебе и умрела пред да има шанса да ѝ ја каже вистината. Лежев будна со ноќи и си замислував такви работи, затоа што немав време преку ден. Веројатно затоа сум толку слаба. Ужасно сум слаба, нели? Саде коски сум. А обожавам да си мислам дека сум убава и крупна, со дупчиња на лактите.“

Откако ги изговори овие зборови, придружничката на Метју замолче, делумно затоа што беше останала без здив и делумно затоа што беа стигнале до чезата. Не изговори ниту збор додека не го напуштија селото и не тргнаа по стрмното мало брдо, пат чиј еден дел беше толку втиснат во меката почва, што рабовите, порабени со расцутени диви црешни и тенки бели брези, беа неколку метри над нив.

Девојчето ја испружи раката и скрши една гранка дива слива, што се допре до чезата.

„Зар не е прекрасно? На што ве потсетува ова дрво што виси надолу, целото тантелно и бело?“ го праша таа.

„Па, не знам“, рече Метју.

„Па, на невеста, се разбира, невеста во бело со прекрасен магличав вел. Никогаш не сум видела невеста, но претпоставувам дека би изгледала вака. Не очекувам јас да бидам невеста некогаш. Толку сум обична и непривлечна, што никој никогаш нема да посака да се ожени за мене, освен можеби некој странски мисионер. Претпоставувам дека еден странски мисионер не би бил толку пребирлив. Но, се надевам дека еден ден ќе имам бел фустан. Тоа е мојот најголем идеал на овоземна среќа. Просто обожавам убави алишта, а никогаш, откако паметам за себе, во животот не сум имала убав фустан. Но, се разбира, тоа е само причина повеќе да се радувам на иднината, нели? Па, така, можам да си се замислувам убаво облечена. Утрово, кога го напуштив сиропиталиштето, многу ми беше срам што морав да го носам овој ужасен и стар памучен фустан. Знаете, сите сираци мораат да ги носат. Минатата зима, еден трговец од Хоптон на сиропиталиштето му донираше памучна ткаенина од повеќе од триста метри. Некои велеа дека го сторил тоа затоа што не можел да ја продаде, но јас претпочитам да верувам дека го сторил тоа од добродушност. Зар не е така? Кога се качивме на возот, имав чувство дека сите гледаат во мене и ме сожалуваат. Но, јас си ја пуштив фантазијата и си замислив дека сум облечена во прекрасен светлосин свилен фустан, затоа што кога веќе си замислувате нешто, можете да си замислите нешто што навистина вреди, а потоа огромна шапка со цветови и нежни пердуви, златен часовник, детски ракавици и чизмички. Веднаш се развеселив и со сета душа уживав во патувањето до Островот. Воопшто не ми се слоши на бродот. Не ѝ се слоши ниту на г-ѓа Спенсер, иако ѝ се лоши обично. Рече дека немала време да ѝ се слоши, бидејќи цело време внимавала да не се превртам и да не паднам во вода. Рече дека немала мир затоа што сум мрдала постојано. Но, ако тоа ѝ спречило мачнина, тогаш е вистински благослов што сум била немирна, нели? А јас, пак, само сакав да видам сѐ што можеше да се види на тој брод, бидејќи не знаев дали некогаш повторно ќе ми се укаже таква шанса. Ах, ене уште расцутени црешови дрвја! Островов е најрасцутеното место на светот. Веќе ми се допаѓа. Многу. И пресреќна сум што ќе живеам тука. Повеќепати имав слушнато дека островот Принц Едвард е најубавото место на светот и си замислував како живеам тука, но не очекував дека еден ден навистина ќе живеам овде. Прекрасно е кога ќе ти се исполни сон, нели? Туку, оние црвените патчиња се многу смешни. Кога се качивме на воз во Шарлоттаун и почнавме да ги одминуваме црвените патчиња, ја прашав г-ѓа Спенсер зошто се црвени. Ми рече дека не знае и ме замоли да престанам да ѝ поставувам прашања. Рече дека сигурно сум ѝ поставила веќе илјада прашања. Претпоставувам дека беше вистина, но како инаку човек ќе дознае нешто ако не постави прашање? И што е тоа што ги ПРАВИ црвени?“

„Па, не знам“, рече Метју.

„Па, тоа е една од работите што треба да ги откриеме кога-тогаш. Зар не е прекрасно колку многу работи има за откривање допрва? Таа помисла ме прави среќна што сум жива, светот е многу интересно место. Немаше да биде ни приближно толку интересно ако знаевме сѐ за сѐ, нели? Тогаш ќе немаше простор за фантазија, нели? Да не зборувам премногу? Честопати ме опоменуваат дека го правам тоа. Би сакале ли да не зборувам повеќе? Ако да, тогаш ќе престанам. Можам да ПРЕСТАНАМ кога ќе се потрудам, иако ми е тешко.“

Метју, на негово огромно изненадување, баш уживаше. Како и повеќето молчаливи луѓе, ги сакаше зборлестите луѓе кои сакаа да зборуваат и не очекуваа од него да им возвраќа со иста мера. Но, воопшто не очекуваше толку да ужива во друштво на едно девојченце. Жените сами по себе беа доволно лоши, но девојчињата беа уште полоши. Го мразеше начинот на којшто преплашено поминуваа покрај него, гледајќи го под око, како да очекуваа дека ќе ги изеде доколку се осмелат да изговорат збор. Такви беа типичните авонлиски воспитани девојчиња. Но, оваа пегава вештица беше многу поразлична и иако му беше мошне тешко со својата бавна интелигенција да ги следи нејзините живи мисловни процеси, му се чинеше дека „баш му се допаѓаше нејзиниот муабет“. Па, затоа рече, срамежливо како и секогаш:

„Ах, можеш да зборуваш колку ти душа сака. Не ми пречи воопшто“.

„Баш ми е мило. Знам дека ние двајца ќе се согласуваме одлично. На човек многу му олеснува кога може да зборува кога му се зборува, а не постојано да те прекоруваат дека децата треба да бидат присутни секогаш, но никогаш да не им се слуша глас. Милион пати ми го имаат кажано тоа. Исто така, луѓето ми се смеат зашто користам големи зборови. Но, ако имаш големи идеи, треба да користиш и големи зборови за да ги изразиш, така?“

„Па, да, звучи логично“, рече Метју.

„Госпоѓа Спенсер рече дека јазикот сигурно ми виси на средина. Но, тоа не е точно – силно е прицврстен на едниот крај. Госпоѓа Спенсер рече дека вашиот имот се вика Зелена фарма. Ѝ реков да ми раскаже сѐ за него. Ми рече дека од сите страни е опкружен со дрвја. Се израдував многу. Обожавам дрвја. Во сиропиталиштето немаше ниедно дрво, со исклучок на пар бедни дрвца со мали бели огради како кафези околу нив. Дрвцата личеа на сираци. Ми доаѓаше да заплачам кога ќе ги видев. Знаев да им речам: ’Ах, кутрите вие! Да бевте во некоја голема шума опкружени со други дрвја, да растеа мов и ѕвончиња околу вашите корења, да имавте поток во близина и птици да пееја на вашите гранки, и вие ќе растевте, нели? Но, не можете да растете тука. Многу добро знам како ви е, дрвца малечки мили‘. Утрово ми беше жал што ги оставив. Човек се приврзува за такви работи, нели? Има ли поток во близина на Зелената фарма? Заборавив да ја прашам г-ѓа Спенсер.“

„Па, да, има еден, веднаш под куќата.“

„Колку убаво. Отсекогаш сонував да живеам покрај поток. Ама не очекував да ми се оствари тоа. Соништата не се остваруваат баш често, нели? Зар не ќе беше убаво да се остваруваа? Но, сега се чувствувам речиси целосно среќно. Не можам да бидам баш целосно среќна затоа што… Како би ја нарекле оваа боја?“

Повлече една од нејзините долги, густи, сјајни плетенки над тенкото рамо и ја исправи токму пред очите на Метју. Метју не беше навикнат да одредува нијанси на женска коса, но во случајов тоа беше премногу едноставно.

„Па, црвена е, нели?“

Девојчето ја врати плетенката назад со длабока воздишка, што звучеше како да доаѓа од дното на неговата душа и како низ неа да ја издиша сета тага на светот.

„Да, црвена е“, резигнирано рече таа. „Сега гледате зошто не можам да бидам целосно среќна. Невозможно е да биде целосно среќен некој што има црвена коса. Другите работи, пегите, зелените очи и тоа што сум слаба, не ми пречат толку. Нив можам да ги исфрлам со помош на фантазијата. Можам да си замислам дека имам прекрасен тен како розов цвет и чудесни виолетови очи како ѕвезди. Но, НЕ МОЖАМ да ја избришам црвената коса. Се трудам со цела сила. Си велам: ’Сега косата ми е раскошна и црна, црна како гавранови пердуви‘. Но, цело време ЗНАМ дека секако е црвена и душата ме боли поради тоа. Тоа ќе биде моја доживотна тага. Еднаш читав приказна за девојче кое имало доживотна тага, но не беше поради црвена коса. Нејзината коса беше чисто злато што се лелееше низ нејзиното алабастерно чело. Што е тоа алабастерно чело? Никогаш не успеав да откријам. Знаете ли да ми објасните?“

„Па, за жал, не“, рече Метју, кој веќе беше благо зашеметен. Се чувствуваше како еднаш кога во младоста едно момче го вртеше на вртелешка.

„Па, што и да значи, сигурно е нешто убаво, затоа што таа беше божествено прекрасна. Сте си замислиле ли некогаш какво е чувството да се биде божествено прекрасен?“

„Па, не, не сум“, отворено призна Метју.

„Јас да, и тоа често. Кога би имале избор, што би одбрале да бидете, божествено прекрасен, застрашувачки мудар или ангелски добродушен?“

„Па, не знам. Не знам.“

„Не знам ни јас. Никако не можам да се одлучам. Но, тоа и онака не прави никаква разлика, зашто никогаш нема да бидам ништо од тоа. Сосема е јасно дека нема да бидам ангелски добра. Г-ѓа Спенсер вели: „Ах, господине Катберт! Ах, господине Катберт! Ах, господине Катберт!!!“

Тоа не беше она што го беше кажала г-ѓа Спенсер, ниту, пак, детето испадна од чезата, а ниту Метју беше направил нешто чудно. Туку едноставно свртеа во еден свијок на патот и се најдоа на Авенијата.

Авенијата, како што ја викаа жителите на Њубриџ, беше дел од патот долг околу петстотини метри, целосно засводен со огромни, широко разгранети стебла јаболка, што уште многу одамна ги имаше засадено еден ексцентричен фармер. Над нив се протегаше долг свод од снежно бели миризливи цветови. Под гранките воздухот беше полн со пурпурен самрак, а во далечината на небото ѕиркаше зајдисонце небаре од слика и блескаше како голем розов прозорец на крајот на преминот на некоја катедрала.

Таа убавина како да го остави девојчето без здив. Се навали на чезата, ги прекрсти тенките раце во скутот, а лицето восхитено го крена кон белиот раскош. Дури и кога го поминаа делот и се спуштија надолу кон Њубриџ, таа ниту се помести, ниту, пак, проговори. И понатаму занесено зјапаше во зајдисонцето на запад, со очи што гледаа како привиденија величествено се групираат по должината на сјајната заднина. Низ Њубриџ, раздвиженото селце во коешто сите кучиња лаеја по нив и сите момчиња викаа по нив и куп љубопитни лица ги набљудуваа од прозорците, поминаа во тишина. Детето не проговори ни следните пет километри. Јасно беше дека можеше и да молчи, исто толку енергично колку што умееше да зборува.

„Сигурно си многу изморена и гладна“, најпосле рече Метју, сметајќи дека тие зборови беа единствениот повод, барем на којшто можеше да се сети тој, за да го прекине нејзиното долго молчење. „Не сме далеку, само уште километар и половина.“

Таа со долга воздишка се врати од својата занесеност и го погледна со мечтателни очи на една душа која, водена од ѕвездите, беше заскитала многу далеку.

„Ах, господине Катберт“, прошепоти таа, „местово низ коешто поминавме, тоа белото место, како се вика?“

„Сигурно мислиш на Авенијата“, рече Метју по размислување од неколку мигови. „Убаво место е.“

„Убаво? Ах, УБАВО не е соодветен збор за него. Не е ни прекрасно. Тие зборови не го објаснуваат доволно. Ах, тоа беше чудесно, чудесно место. Првото нешто што го гледам во животот што не може да се подобри со фантазија. Просто ме задоволува овде“, ја стави едната рака на градите, „и почувствував чудна, необична болка, но тоа беше пријатна болка. Дали некогаш сте почувствувале таква болка, господине Катберт?“

„Па, не можам да се сетам дека сум почувствувал.“

„Јас ја имам почувствувано повеќепати, секогаш кога ќе видам нешто исклучително убаво. Но, не треба тоа чудесно место да го викаат Авенија. Тој назив нема никакво значење. Треба да го викаат… да размислам… Белиот пат на восхитот. Зар тоа не е убаво и креативно име? Кога не ми се допаѓа името на некое место или на некоја личност, секогаш им измислувам ново и ги гледам само со тоа име. Во сиропиталиштето имаше едно девојче по име Хафзиба Џенкинс, но јас секогаш ја замислувам како Розалија Девир. Можеби другите го викаат тоа место Авенија, но јас секогаш ќе го викам Белиот пат на восхитот. Навистина ли имаме уште само километар и половина до дома? Истовремено ми е и мило и жал. Жал ми е зашто возењето ми беше многу пријатно, а секогаш ми е жал кога на пријатните нешта им доаѓа крај. Можеби по нив ќе следува нешто уште попријатно, но никогаш не можете да знаете со сигурност. А честопати се случува да следува нешто не баш пријатно. Барем такво е моето досегашно искуство. Ама мило ми е кога ќе се сетам дека пристигнуваме дома. Знаете, јас никогаш не сум имала вистински дом. И помислата на вистински дом повторно ми ја создава онаа пријатна болка. Ах, колку убаво!“

Возеа по врвот на брдо. Под нив имаше езерце, што беше толку долго и кривулесто, што личеше на река. Мост се простираше од средината до подалечниот крај, каде што килибарен појас од песочни брда го делеше од темносиниот залив долу. Водата беше раскош од бои што се прелеваа, од вонземни нијанси на качунки и рози до нежно зелена, како и разни други прекрасни бои што сѐ уште немаат име. Над мостот, езерцето преминуваше во лелеави шумички со ели и јавори, а нивните растреперени сенки се отсликуваа во водата. Овде-онде по некоја дива слива се навалуваше над брегот како некоја девојка облечена во бело која поткрената на прсти го гледа својот одраз. Од мочурливиот дел на крајот на езерцето се слушаше јасниот, тажно-сладок хор на жабите. На падината погоре имаше сива куќарка опкружена со овоштарник од бели јаболкови дрвја и иако сѐ уште не беше сосема мрачно, од еден од прозорците светеше светилка.

„Тоа е Бериевото езерце“, рече Метју.

„Ах, не ми се допаѓа ни тоа име. Ќе го викам… ќе го викам… Езерото на Сјајните Води. Да, тоа е вистинското име. Знам зашто се наежив. Кога ќе најдам соодветно име за нешто се наежувам. Вие се ежите ли од нешто?“

Метју подразмисли.

„Па, да. Секогаш се ежам кога ќе ги видам одвратните бели црви кои лазат по стеблата на краставиците. Ми се темни кога ги гледам.“

„Ах, не верувам дека тоа е ист вид ежење. Зар не? Нема баш некаква поврзаност помеѓу црви и езера со сјајни води, нели? А зошто луѓето го викаат Бериево езерце?“

„Па, веројатно зашто г. Бери живее во куќата горе. Неговиот имот се вика Овошната падина. Да не беше онаа големата грмушка, ќе можеше да ја видиш и Зелената фарма одовде. Но, треба да преминеме преку мостот и да свртиме подолу на патот. Блиску е, нема ни километар.“

„Има ли господин Бери мали девојчиња? Добро, не баш толку мали, туку приближно колку мене.“

„Има една ќеркичка на возраст од околу единаесет години. Се вика Дијана.“

„Ах!“ воскликна силно. „Колку совршено прекрасно име!“

„Па, не знам. Мене ми се чини дека тоа име има малку варварски звук. Повеќе ми се допаѓаат Џејн или Мери или некое друго такво разумно име. Но, кога се роди Дијана, кај нив живееше еден учител и му дадоа нему да ја крсти, а тој го одбра името Дијана.“

„Посакувам да имало таков учител и кога сум се родила јас. Ах, стигнавме до мостот. Ќе ги затворам очите цврсто. Секогаш ми е страв кога преминувам преку мост. Постојано си замислувам дека кога ќе стигнеме на средина ќе се урне и ќе паднеме. Па, затоа ги затворам очите. Но, секогаш морам да ги отворам кога мислам дека се приближуваме до средината. Затоа што ако мостот НАВИСТИНА се урне, би сакала да го ВИДАМ како се урива. Колку убава бучава прави! Обожавам звук на бучава. Зар не е прекрасно што на светот постојат толку многу убави работи? Ете, преминавме. Сега ќе се свртам назад. Добра ноќ, драго Езеро на Сјајните Води. Секогаш им велам добра ноќ на нештата што ги сакам, исто како што би им велела и на луѓето на коишто мислам дека би им се допаднало тоа. Водава изгледа како да ми се смешка.“

Кога го искачија следното брдо и свртеа, Метју рече:

„Сега сме речиси дома. Зелената фарма е онаму…“

„Ах, не кажувајте ми“, без здив го прекина таа, фаќајќи го за делумно подигнатата рака и цврсто ги затвори очите за да не гледа. „Дозволете ми да погодам. Сигурна сум дека ќе погодам.“

Потоа ги отвори очите и погледна околу себе. Беа на сртот на брдо. Сонцето веќе извесно време беше зајдено, но пределот околу и понатаму беше јасен во благиот самрак. На запад, темна црковна кула се издигнуваше наспроти небото со боја на невен. Под нив имаше мала долина, а зад неа долга, благо подигната падина со симпатични фарми раштркани наоколу. Детските очи шараа од една на друга, ревносно и копнежливо. На крајот се задржаа на една куќа одлево, малку подалеку од патот, нејасно бела со расцутени дрвја во самракот на околната шума. Над неа, на беспрекорно чистото југозападно небо, огромна кристално бела ѕвезда блескаше како светилник што насочува и ветува.

„Онаа е, нели?“ рече, посочувајќи.

Метју весело удри со уздите по грбот на кобилата.

„Па, да, погоди! Но, претпоставувам дека г-ѓа Спенсер толку добро ти ја опишала, што успеа да погодиш.“

„Не, не ми ја опиша. Навистина не ми ја опиша. Тоа што ми го раскажа може да се однесува на која било друга куќа. Немав некоја претстава како изгледа. Но, веднаш штом ја видов, ја почувствував како дом. Ах, имам чувство како да сонувам. Ракава веројатно ми е целата посинета од лакотот нагоре, бидејќи денеска се имам штипнато безброј пати. Одвреме-навреме ќе ме обземе некое ужасно чувство и ме фаќа страв дека сето ова е само сон. Па, потоа се штипам за да видам дали било реално – додека одеднаш не се сетам дека дури и да е само сон, поарно е да продолжам да сонувам најдолго што може, па престанувам да се штипам. Ама, еве, реалност е, и речиси сме дома.“

Со восхитена воздишка повторно потона во тишина. Метју се стресе вознемирено. Му беше мило што Марила, а не тој, ќе мора да му каже на ова бездомно девојченце дека домот за којшто копнее сепак нема да биде нејзин. Поминаа покрај долината на Линдови, каде што веќе беше мошне темно, но не доволно темно за да не може г-ѓа Рејчел да ги види од својата позиција покрај прозорецот, па потоа нагоре по брдото и на долгата патека на Зелената фарма. Кога стигнаа до куќата, Метју целиот беше згрчен од помислата на претстојното разоткривање со енергија што не ја разбираше воопшто. Не мислеше ниту на Марила, ниту на себе, ниту, пак, на проблемите што ќе ги имаат поради грешката, туку на разочарувањето на детето. Кога помисли дека сето тоа ќе го избие занесениот сјај од нејзините очи, имаше непријатно чувство, небаре беше соучесник во убивање нешто, многу слично на чувството што го обземаше кога требаше да убие јагне или теле или кое било друго невино суштество.

Дворот беше мошне темен кога влегоа во него, а лисјата на тополите свилено шушкаа наоколу.

„Слушнете како лисјата зборуваат во сон“, прошепоти таа, додека тој ја спушташе наземи. „Сигурно сонуваат нешто многу убаво!“

Потоа, држејќи ја цврсто патната торба што ги содржеше „сите нејзини земски работи“, го следеше во куќата.


Повеќе за книгата ТУКА

Илустрација на корица: Ване Костуранов

Превод од англиски јазик: Диана Николовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s