од Владимир Лукаш
Сите животни сакаат да се гушкаат, љубопитно и милно да се душкаат и љубовни стихови да си шушкаат. Сите нешто се довикуваат и си пеат, срцата со бурни нежности си ги греат, се смеат и дур епски дождови леат. Но, оваа песна е за нешто сосем друго – за јагуар што возел раскантано југо и за еден пантер што се викал Хуго. „Ааа, не може така!“ – се побуни врапчето и во знак на протест си го запали чорапчето. „Навистина, без врска...“ – крекна жапчето. „Сакаме љубовна песна!“ – викнаа сите, на чело со затресканиот еднорог Мите. „Слушај ти, ние си ги испланиравме дните! Денес слушаме љубовна песна, утре за еден ној, задутре за лошиот шнауцер, па за жиравскиот пој, па за брзата желка итрица, па за мравјиот строј! Ако не се држиме до шумскиот дневен ред, нема да знаеме што значи по, а што – пред! Ако продолжиш вака, ќе те намачкаме со мед!“ Добро, еве сега: Си било едно весело кутре, кое не знаело што е вчера, а што е утре и еден ден заглавило в тегличка со путер. Цивкало, завивало, лаело на сет глас, но немало никој да му понуди спас, кога одеднаш чуло: „Ќе ти помогнам јас.“ Тоа била една кокерка многу мила, наместо уши имала ангелски крилја и шепички меки како најфина свила. Веселото кутре веднаш се вљубило, срцето ко шарен слон му затрубило и од душата му исчезнало сето сивило. И така, си трепкале, се сакале и се гушкале, љубовни стихови по цел ден си шушкале и грмушки и дрвја заедно си душкале. „Ете така, готово! Гледаш колку е лесно? Љубовни песни ни фалат во времево стресно!“ – рекоа и појдоа да смират едно штурче бесно.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.