Пролетна убавица

Индијанска легенда на племето Оџибве

Еден стар човек седеше во својата колиба, која се наоѓаше покрај еден замрзнат поток. Беше крај на зимата, воздухот не беше многу студен, а огнот во огништето беше речиси изгаснат. Човекот беше стар и осамен. Имаше долга, кадрава коса побелена од годините, а рацете му се тресеа. Како минуваа деновите, тој не слушаше никаков звук, освен звукот на бурата која го носеше и вртеше во вители снегот што паѓаше.

Еден ден, додека огнот во огништето умираше, се појави еден убав млад човек и влезе во колибата. Неговите образи беа црвени, а очите сјајни. Одеше со брз и лесен чекор. На главата имаше венец од бизонска трева, а во раката држеше букет свежо, миризливо цвеќе.

„Ах, синко“, рече старецот, „среќен сум што те гледам. Влези! Раскажи ми ги твоите авантури и кои непознати земји си ги видел. Јас ќе ти раскажам за моите чудесни подвизи, и што сè умеам да направам. Ти ќе го сториш истото, па така ќе се занимаваме, за побрзо да ни мине времето.“

На овие зборови, старецот извади од својата торба едно чудно издлабено луле. Го наполни со тутун и му го подаде на гостинот, како што беше индијанскиот обичај. Секој зеде по неколку дима од лулето, а потоа почнаа да ги раскажуваат своите приказни.

„Јас сум Пебуан, Духот на Зимата“, рече старецот. „Кога ќе дувнам, реките се замрзнуваат. Водата станува цврста и тврда како камен.“

„Јас сум Сигвун, Духот на Пролетта“, одговори младичот. „Кога дишам, во ливадите и шумите изникнуваат цвеќиња.“

„Кога ќе затресам со кадрите од косата“, рече старецот, „земјата ја покрива снег. Лисјето паѓаат од гранките, а мојот здив ги носи високо горе во воздухот. Тогаш и птиците летаат во далечни земји, а животните се кријат од студот.“

„А кога јас ќе ги затресам моите плетенки“, рече младичот, „на земјата паѓа топол, лесен дождец. Цвеќињата ги креваат главчињата, тревата расте густа и зелена. Мојот глас ги повикува назад птиците, и тие весело долетуваат од јужните краишта.  Топлината на мојот здив ги одмрзнува потоците и реките, па тие почнуваат да пеат песни за летото. Музика ги исполнува шумите низ кои чекорам, а целата природа се радува.“

И додека зборуваа, се случи чудесна промена. Сонцето се крена високо на небото. Колобата стана пријатно топла. Пебуан, Духот на Зимата, наеднаш беше мошне тивок. Главата му падна на градите, а снегот пред колибата почна да се топи. Сигвун, Духот на Пролетта, стана полетен и весело се исправи. Црвеногушката и синиот дрозд почнаа да пеат на покривот на колибата. Потокот почна да жубори пред вратата, а ветрот донесе мирис на тукушто расцутени дрвја.

Колибата полека исчезна, а Пебуан почна да се смалува и на крајот се растопи во мали поточиња вода, кои исчезнаа длабоко во влажната земја. И така замина Духот на Зимата, а онаму каде што се истопи, Индијанските деца ги набраа првите миризливи, нежни, розови цвеќенца, познати и под името Пролетни убавици.


Превод од српски јазик: Билјана Црвенковска

Илустрација: Чудна шума


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s