од Барбара Симонити
Сончевите зраци се пробиваа низ правливиот, долго неизмиен прозорец за да видат што се случува внатре. Цело утро Симба го мешаше казанот на шпоретот и мрмореше нешто во себе. Таа беше многу лошо расположена, така што сончевите зраци брзо се повлекоа.
Симба беше вештерка и живееше во зградата на почетокот на градот. Симба имаше црн мотор што го паркираше зад зградата, во дворот. Не им личи на современите вештерки да одат пеш низ градот, а и летачките метли веќе одамна не се во мода.
Симба имаше една соба во визбата, со ѕидови густо покриени со полици. На долните полици имаше редови дебели книги со кожни корици. Нивните рабови беа пожолтени и искинати, бидејќи прстите на Симба често ги листаат. А на повисоките полици лежеа секакви состојки што ѝ беа потребни за нејзината работа: врзопи црно дрво, букети сушени зачински билки, чаши магичен прав и пакетчиња со тајни семки…
Визбата на вештерката имаше тесна, многу тесна врата. „Оној што нема да може да помине низ оваа врата, тој е пренадуен“, обично објаснуваше Симба, „и на таквиот магијата не му помага.“ Затоа некои големци не се осмелуваа да дојдат кај Симба, се плашеа да не останат пред врата.
Пред три дена, кај Симба отиде соседот Анже – оној со очилата и синиот елек. Нему му успеа да се протне низ тесната вештеросана врата иако имаше поголем стомак…
Очаен, Анже ѝ раскажа на Симба дека неговиот син Лан по цел ден седи на компјутер. Кога ќе се вратам од работа навечер, морам сè сам да правам и да готвам и да мијам, да чистам по дома и да перам. А Лан ни со прст не мрднува; дури ни својата соба не ја раскрева.
„Не знам што ќе се прави, Симба“, Анже беше очаен, „те молам помагај, ти си нашата приградска вештерка!“
Симба длабоко се замисли и на крајот му вети на Анже дека ќе направи лек за мрзеливоста на Лан. И така не ѝ преостана ништо друго туку да ги засука ракавите и да се врати на своето вештерисување. Ја прелиста најголемата кожна книга и од полиците избра волшебни состојки: малку дрво, малку билки, малку прав и неколку семки… Ама колку и да се трудеше, чорбата во казанот не сакаше и не сакаше да се направи. И тоа токму кога требаше да се направи многу важна чорба, а не некоја помија!
Симба правеше одлични водички против мозолчиња и брадавици, а ѝ успеваа и уроците против несоница или носталгија. Ова со мрзеливоста не беше толку лесно. Да бидеме искрени таа никогаш порано не правела нешто вакво. Ама за сѐ има прв пат, па дури и кога се прават магии.
Е, кога, по некое време, зеленикавата, меуреста кашапопара фати да станува кафеава, Симба збесна. Го исклучи шпоретот, ги обу шпицестите чизми, ја стави кацигата, го јавна моторот и право в центар. Вештеросаната тесна врата ја остави отклучена, како и обично.
Тоа беше како измислено за Лан, кој веќе подолго време се интересираше околу она тоа што ли работи Симба. Љубопитноста го совлада и го одвлечка од компјутерот. Дури не го ни исклучи. Па од тетратките, играчките и фрлената облека врз компјутерот не можеше да го дофати прекинувачот. Ниту Лан не беше многу поинаква појава: неговата маица беше развлечена и полна дамки, фармерките му беа со отвори за проветрување на колената, а во џебовите, со прстите постојано налетуваше на бодликави трошки. И што е ова сега: внимателно ја отвори тесната врата и се протна во визбата на Симба за да види што бара татко му кај неа.
На шпоретот си клокотеше и Лан тргна да види што е тоа. Се наведна над казанот. Подиспарената течност се лепеше на дрвената мешалка со која промеша да види што се вари внатре.
„Ха-ха!“, пакосно се насмеа Лан, „од ова ништо не бива!“
И реши да се пошегува со Симба. Почна да шлапка со устата и да собира плунка сè додека не насобра доволно и плукна право во казанот на шпоретот! Потоа убаво промеша со мешалката.
Ама види сега! Зелената каша заклокоти силно, се сврте и почна да бабри и да прави меури, бојата се смени, стануваше сѐ посина, стануваше светло сина, небесно сина како екранот на компјутерот, така што Лан мораше да се наведне и да погледне одблизу, се наведна и уште малку се наведна над светлечката чорба…
Тогаш го обзеде мирисот на кашапопарата, уф, ова е многу одвратно и страшно! Смрдеше на гнили компири и мувлосана пица, на остатоци од хамбургер, згазнати гуми за џвакање и испотени чорапи, смрдеше на сето она што Лан го фрлаше врз компјутерот, врз мрсната тастатура и куќиштето што постојано загреваше…
Тогаш Лан сфати дека тоа е неговиот мирис, мирисот на неговите монотони денови и на изгубеното време во непроветрената соба, и му стануваше сѐ полошо и полошо. Смрдливата пареа го закова и не можеше да мрдне. Единствено можеше да го дише одвратниот мирис на својата мрзеливост!
„Никогаш повеќе!“ Лан издиша со последни сили и така го прекина урокот: гнасотилакот го пушти – и истрча низ страшната, тесна вештеросана врата.
Надвор почна да дише гласно и длабоко за да ја исчисти смрдеата од себе. Притоа, погледнуваше да види дали некој го гледа.
Зад зградата се протегаше зелен тревник и неколку деца си играа на него. И токму тогаш нивната фудбалска топка летна кон Лан! Тој ги рашири рацете за да ја фати. Момчињата на тревникот љубопитно погледнаа кон него – што ли ќе направи? Лан се подвоуми, ама за кратко, брзо и среќно отрча кон нив и им се придружи.
Е, тогаш да погледневте на другата страна, до зградата ќе ја видевте Симба. Таа тукушто се беше симнала од својот црн мотор и во тој момент потпетиците на нејзините шпицести чизми згазнуваа во песокот. Младата вештерка веќе не беше бесна.
Па како да биде кога ѝ успеа лекот против мрзеливоста на Лан!
Превод од словенечки: Дарко Спасов
Илустрација: Катерина Николовска
© Барбара Симонити. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.