од Јасминка Петровиќ
Мене секој ден ми е досадно. Поточно, мене секој ден ми е многу досадно. Сепак, има еден ден во неделата кога ми е најдосадно. Тој ден е четврток. Во четврток ми е толку досадно што не знам што да правам со себе. Најчесто седнувам на столот и се досадувам. Понекогаш од досада пуштам коса, трепкам или мрдам со носот. Кога ми е многу, многу, многу досадно, тогаш земам и пуштам нокти на рацете, а кога ми е средно досадно, тогаш пуштам нокти и на нозете. Во случај да ми е нешто помалку досадно (тоа се случува многу ретко), тогаш ја собирам и ја развлекувам устата. Баба ми мисли дека се смеам, ама тоа воопшто не е точно. Јас, всушност, тогаш се досадувам. Ништо не ѝ објаснувам за да не ме распрашува, а тоа би ми било уште подосадно. Подобро е вака. Нека мисли дека се смеам.
Што се однесува до мене, четврток би можел да се вика досадник. Или поточно најдосадник. Во петок исто така се досадувам, ама помалку одошто во четврток затоа што знам дека доаѓа викенд. Сабота и недела и ми поминуваат некако, ама понеделник и вторник никако. Почетокот на неделата најчесто го преспивам затоа што не знам што да правам со себе од досада. Во среда најчесто се досадувам така што постојано повторувам:
– Мене ми е досадно! Мене многу ми е досадно!
Тато не ги поднесува овие две реченици, па потоа се обидува да ме занимава со нешто, што мене ми предизвикува уште поголема досада. Колку повеќе тој се труди да ми биде забавно, толку мене ми е сè подосадно и подосадно. Моето досадување понекогаш ја лути мама, а понекогаш ја натажува, сè зависи од тоа како е расположена. А што се однесува до брат ми, нему баш му е гајле дали се досадувам или се забавувам лудо. Тој само спие, пие млеко и плаче. Кога ќе порасне веќе еднаш за да можеме заедно да се досадуваме? Ми досади веќе сам да се досадувам!
Превод од српски јазик: Билјана Црвенковска
Илустрација: Катерина Николовска
© Јасминка Петровиќ. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.