од Долорес Атанасова – Лори
Се замислил облакот Сив, ги начул лисјата како шушкаат дека е многу бесен и див. Се замолчил од повреден што бил, по небото престанал да ровари тој, од дрвјата и животинките се скрил. Сонцето почнало да свети и пече, од ден на ден поуморно било, сончевите зраци немало кој да ги пресече. Дрвја, треви, почнале боја да менуваат, од суша и жед да се закашлуваат, од облакот Сив глас и трага да бараат. Се собрале ветрови од сите страни, сите фурии, сите ветриња нежни и мали, тие облакот Сив го сакале со сите негови маани. Го барале сите здружено зад планини, низ дрвја и под крилја од птици во лет, во бунари стари и осамени рамнини. Низ шумите и планините свиреж одекна, на ветровите јазикот јасен и гласен, по нив сите почнаа, дури и жабата крекна: „Се бара облакот Сив таков каков што е, бесен и див, да дојде, да го разигра небово сино, сѐ што жеднее, сѐ живо и диво! Се бара облакот Сив, да дојде, да земе сонцето здив!” Се разбудил и размрдал облакот Сив, кој потонат во дремеж тажен бил, ги чул зборовите и знаел дека не е крив. Се израдувал тој, од убост се развеселил, од радост дождови-радосници почнал да рони, со татнежи и звуци тагата и болката ги засенил. Ене го, танцува со ветровите облакот Сив дрвјата, грмушките, играат весел твист, сите се радуваат на облакот среќен и жив!
Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.