од Владимир Лукаш
Решил слонот да отвори фирма и ја нарекол, едноставно – „Бивна“. Тргувал со банани и киви, со цреши и модри сливи, со кајсии, мушмули и манго, со зумбули и чевли за танго. „Чевлите се јадат?“ Како ли се садат? – прашала овцата певливо со гласче тенко, бевливо. „Какво садење, какви бакрачи! Со такви прашања не ме мачи! Туку, продавам и торти, ги испорачувам до порти“ – рекол слонот и кивнал оти в студена река пливнал. Бизнисот му цветал ко кокиче в зима, сметката в банка му растела ко плима и набргу добил идеја смела да отвори фабрика цела, да вработи соколи и врапци, да вработи гнуа и жапци, да стане индустријалец прав и в петоци да јаде тартуфи со грав. И така, слонот си фантазирал и до небо си се идеализирал, си замислувал дека е трилионер дека кралот му дарил титула Сер, дека измислил нов елемент, дека свири во славен бенд, дека според него нарекле планета, дека вселенски брод в двор му слетал, дека слоницата Сурлана – убавица без мана во него се вљубила и нежно на уво му трубела: „Слону, те сакам, стави ми прстен на рака“, дека научил ко џивџан да пее и сонцето само за него грее... И додека планови в глава си крчкал видел еден зајко што си трчкал, растоварен од планови и сметки, од договори и бизнис сплетки и си рекол: „Слону, и ти сакаш вака, да си трчкаш слободен, без мака. Батали титули и планети, батали трилиони клети, батали банки и дипломи в рамки, батали бирократски замки. Ти си слон, не си капиталист, како веселиов зајко си ист!“ И ја затворил тој својата фирма и запловил кон иднината мирна, си затрубел на златниот тромбон и повторно станал вистински слон.
Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.
Од истиот автор: