од Зоран Пеневски
Пингвинот Пајко живееше на третата санта мраз од Големата жолта карпа и беше сам на светот. Секаде околу себе гледаше само мраз и снег, и црниот океан. Беше толку осамен, што одлучи сам себе да си напише писмо, да го стави во тегла и да го прати по океанската пошта. Ќе му биде забавно да го чека писмото, нестрпливо да види дали нешто ќе се промени. Воодушевен од својата идеја, отиде кај мајка си и ѝ побара лист хартија.
– Што ќе ти е хартијата? – праша мајка му.
– Сакам себеси да си напишам писмо. Многу сум осамен.
– Добро – рече мајка му и му даде лист хартија.
Пајко отрча тогаш кај белото мече Марко.
– Те молам дај ми молив.
– Што ќе ти е молив? – го праша Марко.
– Сакам да си напишам писмо затоа што сум многу осамен и затоа што никој не сака да разговара со мене.
– Не е лоша идеја да се занимаваш малку, особено кога ќе дојдеш дома по училиште – рече белиот мечок и му даде молив.
Потоа Пајко седна и го потпре листот хартија на една темносива карпа. Таа се помрдна и дури тогаш пингвинот виде дека тоа е фоката Финка.
– Ох, извини Финка, немој да мрдаш додека не го напишам писмово.
– Нема проблем – рече Финка. – А кому му пишуваш?
– Си пишувам себеси затоа што сум многу осамен.
И тој почна да пишува:
„Драг Пајко, знам дека си најосаменото суштество на светот, ама еве ме имаш мене, пингвинот Пајко, кој најдобро те разбира.
Твојот другар Пајко.“
Ја свитка хартијата и отиде кај морскиот галеб Гуте.
– Извини, Гуте, дали имаш тегла во која би можел да го ставам ова писмо?
– Имам, еве оваа малечкава. Ќе ти заврши работа – му даде тегличка Гуте. – А кому му пишуваш?
– Си пишувам себеси затоа што тука сум осамен и затоа што никој не сака да си игра со мене.
Потоа го стави писмото во тегличката, а на нејзината етикета напиша: За пингвинот Пајко, третата санта од Големата жолта карпа, и отиде кај поштарот, малиот грбав кит Коста.
– Коста, можеш ли ова да го пратиш по океанската пошта?
– Можам. А за кого е?
– За мене, затоа што сум многу осамен и никој не сака да се допишува со мене.
Во мигот кога Коста ја зеде тегличката со себе, дојдоа пингвините Мирко, Марика и Жарко.
– Ајде со нас, Пајко! Тргни со сантата кон оној брег!
– Не сакам! – им одговори Пајко. – Ако тргнам со сантата, можеби ќе се стопи, па поштарот нема да ми го донесе писмото на вистинската адреса.
Пајко воздивна и си помисли дека воопшто не е лесно да бидеш сам на светот.
Илустрација: Катерина Николовска
Превод од српски јазик: Билјана Црвенковска
За авторот:
Зоран Пеневски е српски писател на романи, романи за деца и графички романи, сценарист и преведувач. На македонски јазик досега се преведени романите за деца „Сара и заборавениот плоштад“ (Полица, 2018) и „Будимир и ретките животни“ (Арс Ламина, 2020), како и романот „Полноќ во нејзините раце“ (Просветно дело, 2019).