од Калина Малеска
Во тревата нешто се движело чудно испуштало, дувало некој пламен син, менувало форми, го видела Дарја, се доближила, здогледала – вонземјанин. Го прашала кој е, како се вика и како ли пристигнал кај неа в двор, со пламенот син тој напишал букви и буквите формирале еден збор: Лу-ру-су. „Значи, тоа е твоето име“, му рекла Дарја и го допрела со рака тој веднаш се претворил во форма на дете и прашал што друго да знае таа сака. „Сите ли вонземјани на тебе личат, менуваат форми и дуваат пламен? Знаат да зборуваат на мојот јазик, можат да се сменат од дете во камен?“ Каменот до Дарја се претворил во був, па од був одново во облик на дете. Потоа почнал да раскажува тивко како пристигнал овде и од кој свет е. „Живите суштества од други планети немаат очи, уста, ни сетила пет, не мислат дека другите како нив се исти, тоа го мислат само луѓето од овој свет“, кажал и додал – за преобразба и говор дека моќ има само неговиот вид и веднаш штом излегол таткото на Дарја во дворот, Лу-ру-су се претворил во ѕид.
Од истата авторка: