од Ханс Кристијан Андерсен
Еднаш одамна си беа дваесет и пет оловни војници. Тие беа браќа зашто беа родени од една иста оловна лажица. Стоеја исправени, во нивните црвено-сини униформи, со пушките на рамо.
Првото нешто што го слушнаа кога се родија беше: „Оловни војници!“ Вака воскликна едно детенце и заплеска со рацете од радост откако го подигна капакот на кутијата во која беа спакувани. На малото момченце му беше роденден, а војниците беа најубавиот подарок што го доби таа вечер.
Сите војници изгледаа исто, освен еден. Тој беше малку поинаков од другите и беше ставен последен во кутијата. Во што беше поинаков? Имаше само една нога затоа што од стопената лажица недостигаше олово токму за една нога. Сепак, тој стоеше гордо исправен, исто како и сите други војници. Но, како што ќе видите, токму овој војник ќе се покаже како извонреден и посебен.
Во детската соба имаше многу играчки, а на средината стоеше еден прекрасен картонски замок кој ѝ припаѓаше на сестричката на момчето. Низ прозорците на замокот можеше да се гледа внатре, пред него имаше малечко огледало што требаше да претставува езеро, а во езерото пливаа картонски лебеди. Пред портата на замокот стоеше прекрасна балерина, исто така направена од картон, нежна и грациозна. Балерината, како и повеќето балерини, стоеше на прстите од едната нога, додека другата ѝ беше крената високо наназад.
„Па таа има една нога, како мене“, си помисли оловниот војник кога ја виде, не забележувајќи ја нејзината друга нога. „Колку е прекрасна! Таа би била совршена жена за мене. Морам да ја запознам.“ Така војникот стоеше како маѓепсан и ѝ се восхитуваше на балерината.
Кога падна ноќ, луѓето во куќата си легнаа да спијат. Тоа беше времето кога играчките се будеа, па одеа едни кај други во посета, да се шегуваат, но и да војуваат. Оловните војници излегоа од кутијата, сите освен нашиот војник. Тој стоеше исправено на неговата една нога и гледаше вљубено во балерината, која исто така остана да стои пред нејзиниот замок.
А кога часовникот означи полноќ – ШТРАК! – се отвори една кутија, а од неа излезе едно црно ѓаволче. „Војнику“, рече налутено ѓаволчето, „немој да ја гледаш мојата идна невеста.“
Но, војникот се преправаше дека не слуша. „Ќе видиш ти утре!“ се закани ѓаволчето.
А кога дојде утрото, децата го ставија оловниот војник на рамот од прозорецот. И, дали по вина на ѓаволчето или, пак, по вина на ветрот, одеднаш прозорецот се отвори, а војникот падна во калта на улицата. Лежеше таму долго време без никој да го забележи. Набргу почна да врне, а по улицата почнаа да течат поточиња. Кога дождот запре, наидоа две палави момчиња.
„Еј, гледај!“ рече едното од нив, „види го оловниот војник. Ајде да го пуштиме да плови.“
Направија бротче од хартија, го ставија војникот во него, па го пуштија да плови по поточињата на улицата. Леле, колку брзо пловеше. А двајцата палавковци трчаа покрај него и плескаа со рацете. Бротчето потскокнуваше на брановите, но војникот стоеше исправено како и секогаш. Одеднаш, поточето почна да понира надолу, и ОП – војникот пропадна во одводот од канализацијата и се најде во црна темница!
„Каде ли ме носи водата?“ се прашуваше војникот. „Ова сигурно ми го направи она црно ѓаволче. Ох! Само да беше со мене убавата балерина. Тогаш ништо друго немаше да биде важно.“
Во тој миг од водата се појави главата на еден голем стаорец кој живееше во канализацијата.
„Имаш ли пасош?“ праша стаорецот. „Дај ми го пасошот!“
Војникот стоеше исправено, без да трепне, и цврсто ја стегаше пушката. Бротчето брзо пловеше, а стаорецот пливаше по него и штракаше со забите: „Стоп! Запрете го! Не плати патарина. Не го даде пасошот.“
Но, потокот течеше сè побрзо и побрзо, а се слушаше и страшна бучава од која ќе се исплашеше и најхрабриот од нас. Но, не и војникот. Тој беше храбар и непоколеблив.
Еј, држи се, војнику! Подземниот канал се влеваше во една голема река, а водата се претвораше во мал водопад, кој на малиот војник му се чинеше огромен. Бродот не можеше да запре и летна надолу низ водопадот. Кутриот оловен војник, цврсто се држеше за бродот додека тој се полнеше со вода. Се потопи до врвот и почна да тоне, а заедно со него и војникот, сè подлабоко и подлабоко. Водата сосема го проголта, а војникот мислеше само на прекрасната балерина, која нема да ја види никогаш повеќе. И како што тонеше надолу во реката, одеднаш се најде во устата на една огромна риба!
Ох, колку беше мрачно во стомакот на рибата! Беше потемно отколку во канализацијата, а беше и мошне тесно, но војникот не се плашеше и лежеше мирно, со пушката цврсто потпрена на рамото.
Тогаш рибата почна да се превртува и да се тресе, за на крајот да стане сосема мирна. А по одредено време војникот почувствува како нешто го стресе, како удар од гром. Одеднаш повторно се најде на светлина, а слушна и еден глас како вели: „Оловниот војник!“
Рибата беше уловена од еден рибар, однесена на пазарот, продадена и донесена во кујна каде што готвачката ја расече со нејзиниот голем нож. Кога го здогледа војникот, таа го зеде и го однесе горе, во собата. И сите беа мошне зачудени затоа што, верувале или не, тој се најде во истата соба во која беше претходно. Тука беа децата што ги познаваше, сите играчки, другите војници, а и замокот пред кој стоеше прекрасната балерина.
Таа сè уште стоеше исправено на една нога, непоколебливо, како него. Војникот беше толку трогнат од таа глетка, што му доаѓаше да заплаче. Сепак, се воздржа и не пушти ни солза. Тој гледаше во неа, таа гледаше во него, но никој од нив не прозборе ни збор.
А кога сè конечно изгледаше дека е совршено, малото момче го грабна војникот и го фрли во каминот, каде што гореше силен оган. Тукутака, без особена причина. Можеби му пречеше тоа што војникот имаше само една нога. А можеби на тоа го натера и она грозно црно ѓаволче.
Оловниот војник полека се топеше во огнот. Гледаше во балерината и чувствуваше како се топи. Балерината, исто така, гледаше во него. А тогаш, вратата се отвори од силниот провев. Дувна ветре и ја крена во воздух балерината, а потоа ја одвеа директно во огнот. Балерината, за разлика од војникот, беше од хартија, па огнот ја проголта за миг. Оловниот војник се стопи набрзо по неа, а утредента, кога ја чистеа пепелта од огнот, жените од куќата пронајдоа едно мало оловно срце. Тоа беше сè што остана од оловниот војник.
превод и адаптација: Билјана Црвенковска