Зборот флора се однесува на сите растенија во едно географско подрачје или временски период, додека зборот фауна се однесува на животинскиот свет во едно географско подрачје или временски период.
Флора и фауна на планините од Шарскиот венец
Шарскиот венец е македонскиот дел од Алпите и за него е карактеристичен алпскиот екосистем – врвовите остануваат низ целата година прекриени со снег и тоа влијае врз живиот свет.
Флора:
На овој венец, во пониските делови од планините доминираат буковите и дабовите шуми, а во повисоките иглолисните и смрекови шуми. Западниот дел е препознатлив како место со стари, вековни шуми – пример за тоа се шумата со див костен на Галичица, како и девствената шума во Длабока Река на Шара.
Најкарактеристични дрвенести видови се: повеќе видови даб, бука, багрем, костен, црн бор, смрча, смрека, бел бор, ела; од автохтоните дрвја најпознати се петоигличестиот бор – молика (на планината Баба), ендемското зимзелено дрво „Гол човек“ (на планината Кожуф), дивата и питомата фоја (на Галичица) и други.
На овој венец се сретнуваат различни видови шумски плодови: диви јагоди, малини, боровинки, капини, шипинки…; лековити билки и чаеви, папрати, габи, цвеќиња… меѓу кои и следниве ендемични видови: македонски мразовец (кој расте само на Солунска Глава, на Јакупица), алшарска темјанушка (на Кожуф, во близина на рудникот Алшар), македонски каранфил (на Крчин), галичички расковник, галичичко каранфилче и охридско каранфилче (Галичица), јабланички каранфил (на Јабланица), пелистерски каранфил, пелистерска небесна роса и пелистерска качунка (на планината Баба), јакупички каранфил (на Јакупица), Кајмакчалански каранфил (на Ниџе)…

Фауна:
Месојадни животни: шарскиот венец е главен дом на балканскиот рис, кој е најзагрозен. Како загрозени се сметаат и балканската полјанка, кафеавата мечка и дивокозата од тревопасните животни. Други месојадни животни на овој венец се волкот, лисицата, дивата мачка, куната, јазовецот…; тревопасни животни: дива свиња, елен, срна, див зајак, верверица, балканска кртица (која е балкански ендемит), слепо куче…; овој венец е препознатлив по карстните полиња што се наоѓаат под самите врвови, па така на Јакупица може да се сретне и стоболката – вид глодар – кој го има на Бегово Поле.
Од птиците се сретнуваат повеќе видови орли (како златниот орел), соколи, бувови, еји, јастреби, мршојадци, галици, еребици (меѓу кои еребица камењарка), ластовици, свраки…; загрозени видови птици се: белоглав, црн и египетски мршојадец, царски орел и дропла. Поради природните пештери и процепи, на планините од овој венец можат да се сретнат повеќе видови лилјаци. Се сретнуваат и повеќе видови риби (меѓу кои и ендемичната пелистерска пастрмка), водоземци, влекачи, инсекти… Овие планински места се и типични живеалишта за отровните видови змии од Македонија – поскоците, додека Шара, Пелистер и Галичица претставуваат жешки точки за разновидност на дневни и ноќни пеперуги.

Флора и фауна на планините од Осоговско-Беласичкиот венец
Флора:
На овој венец се сретнуваат многу стари шуми или, почесто, стебла стари стотици години: црната дудинка од Лесново, платаните во селото Мородвис, како и старите вековни стебла од бука на самиот гребен на Ченгино Кале, на Малешевските Планини.
На пониските делови од планините преовладуваат дабови и букови шуми, брест, липа, габер, јасен, леска, а на повисоките бел и црн бор, ела, евла, борика, смрека; различни видови шумски плодови: диви јагоди, малини, боровинки, капини, шипинки…; лековити билки и чаеви: рузмарин, нане, диво нане, темјан, жолт и црвен кантарион, мајчина душица, бела рада, ајдучка трева, бозел, подабиче, јаглика; габи и печурки како вргањ, лисичарка, буковка, срндак; ретки видови папрати и повеќе ендемични растенија, меѓу кои лесновскиот лопен (или лесновски бабјак, на Осоговските Планини), кралска папрат (во Моноспитовско Блато на падините на Беласица) и месојадното растение округлолисна росика или муволовка (на Влаина).

Фауна:
Месојадни животни: волк, лисица, кафеава мечка, куна, јазовец, невестулка, ласица, твор, видра, дива мачка…; тревопасни животни: дива свиња, срна, зајак, верверица; птици: повеќе видови орли, соколи (како сивиот сокол), јастреби, еребици, ластовици, страчки, чавки, гаврани, фазани, лиски, грлици, мршојадци (како белоглавиот мршојадец), штркови (црниот штрк), глувчари, потполошки; како и повеќе видови риби, водоземци, влекачи, инсекти…; вредни за споменување се: змијата ждрепка, македонската пастрмка, балканското златно прстенесто вилино коњче, ливадската сина пеперуга (или ливадски синец), ридската желка, долгоушестиот лилјак, македонскиот мрморец…
